| четврток, 6 декември 2018 |

Признание и од ЕХФ, Скопје е центар на ракометна Европа, ќе се снимаат приказни за Вардар и за Металург

Скопје е центар на ракометна Европа, со два сигурни учесници во Лигата на шампионите, машките екипи на Вардар и на Металург и трета на пат да стане дел од луксузното натпреварување, а тоа е женскиот состав на Вардар. Европската куќа на ракометот, ЕХФ, од таа причина, на почетокот на идната седмица ќе испрати своја ТВ-екипа во нашиот главен град за да направи приказни за двата клуба, Вардар и Металург.

Во понеделник според нашите информации, домаќини на ТВ-екипата од ЕХФ ќе им бидат вардарци, а следниот ден Металург ќе биде во центарот на вниманието.

Алекс Душебаев и уште еден ракометар на Вардар ќе бидат главните актери во приказната за „црвено-црните“, а словенечкиот интернационалец Ренато Вугринец и најдобриот голман во Европа, Дарко Станиќ, ќе говорат за неверојатниот подем на ланскиот четвртфиналист во ЛШ, Металург.

Скопје е единствен град во Европа со два сигурни претставници во ЛШ, а ако и женската екипа на Вардар се избори преку квалификации за настап во елитата, тоа ќе биде уникатен подвиг, три состави од исто место да играат во најценетото клупско натпреварување на стариот континент.

 

Пишува: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top