Радост, тага, нервоза, замор…, имаше од сѐ по нешто на последниот гранслем-турнир во Њујорк. Еве дел од фотографиите, што беа меѓу поинтересните на популарниот САД опен.
Новак Ѓоковиќ е поразен во финалето од Рафаел Надал. Сепак не беше толку лоша завршната претстава на српскиот ас, како што може да се заклучи од реакциите на Новак. Едноставно Шпанецот играше феноменално и апсолутно заслужено го освои трофејот.
Серена Вилијамс танцува или игра ластик. Победнички скок на Американката, откако ја одбрани титулата со нов триумф против Викторија Азаренка.
Станислас Вавринка одигра одличен турнир и особено добар меч против Ѓоковиќ во полуфиналето. Швајцарецот загуби по голема борба со 2-3 во сетови, а во моменти на нервоза настрада рекетот.
Рафаел Надал е новиот шампион во Њујорк. Како играше може да победува и легнат со затворени очи.
Пеколниот ритам на „Флешинг Медоуз“ ги исцрпи учесниците. И неуморниот Давид Ферер, има проблеми со свежината и си зеде некоја секунда одмор.
Хуан Мартин дел Потро ја почуствува сласта на конечниот триумф во Њујорк во 2009 година. Овојпат го проба вкусот на рекетот.
И Светлана Кузнецова е поранешна шампионка на САД опен. На ова издание покажа извонредна вештина во бркање верверица на еден од терените на „Флешинг Медоуз“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.