Македонскиот ракометен шампион во женска конкуренција, Вардар, отпатува за Салерно, каде ќе се игра една од квалификациските групи за пласман во Лигата на шампионите. Прв противник е истоимената екипа, а како на домашен терен ќе игра Билјана Црвенковска, бекот на ЖРК Вардар. Таа три и пол години играше токму за овој тим.
„Имам многу пријатели во Салерно, со кои често комуницираме, но разговорите се чисто пријателски, не се зборува многу за ракометот и за претстојниот квалификациски турнир. Од екипата кога играв јас во Салерно сменети се многу ракометарки. Сега во составот има претежно млади играчи, кои немаат некое големо искуство и главно имаат настапувано само во италијанското првенство“, вели Црвенковска за клупскиот сајт.
Италијанскиот тим е домаќин, но улогата на фаворит во групата му припаѓа на македонскиот првак. Црвенкоска вели дека со организацијата на овој квалификациски турнир Салерно посакува популаризација на ракометот во Италија.
„Очекуваат да ги видат сите звучни имиња и ѕвезди во ракометот, тие што се дојдени кај нас во Вардар и во другите екипи. Тоа им е приоритет во организацијата на овој квалификациски турнир. Тие сакаа да ги организираат овие квалификации токму од тие причини, за да можат Италијанците да видат како се игра европски ракомет“, додава Црвенковска.
Во полуфиналето на 14. септември, вардарки ќе играат против Јоми Салерно, а во вториот дуел се среќаваат рускиот состав Ростов Дон и Флори Луар од Франција. Победниците од овие мечеви следниот ден ќе го играат клучниот меч за пласман во Лигата на шампионите.
Ако успеат да се пласираат, ракометарките на Вардар ќе го комплетираат феноменалниот успех на македонските екипи и ќе имаме дури три екипи во Лигата на шампионите. Машките состави на Вардар и Металург веќе се дел од елитата, а Скопје има шанса да биде единствениот град во историјата на ракометот, што во иста сезона имал дури 3 тима во луксузното натпреварување.
Само победникот во групата обезбедува пласман во групната фаза од Лигата на шампионите, а останатите три екипи го продолжуваат настапот во КПК.
Натпреварите од оваа квалификациска група ќе се играат во салата „Паласеле“ во Еболи, во близина на Салерно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


