Mакедонскиот и полскиот претседател Ѓорге Иванов и Бронислав Комороски на Бизнис форумот во Скопје се заложија за интензивирање на вкупната економска соработка. Полскиот претседател во Македонија пристигна со бизнис делегација од најголемите полски компании од повеќе индустрии: металургија, одбрана, градежништво, прехранбена индустрија и производство на мебел, кои беа дел од форумот.
Полска е важен трговски партнер на Република Македонија, а во 2012 година беше на листата на 20 земји со кои остваруваме најголем обем на трговска размена, нагласи Иванов. Но, во првите шест месеци од 2013 година Полска веќе не спаѓа во групата на најголеми трговски партнери на Македонија.
– Затоа сме тука денеска да дадеме нов елан на сроаботката, зашто постои реална основа, изјави Иванов.
Интерес за трговска соработка помеѓу полските и македонските компании постои, имајќи го предвид растот на учеството на вкупната размена на Македонија со Полска во структурата на вкупната трговска размена на земјава со светот оваа година. Сепак, Иванов потенцира дека треба да се удвојат напорите на институциите и коморите од двете земји, со цел да се овозможат дополнителни услови за унапредување на меѓутрговските односи.
Полскиот претседател Комороски во обраќањето пред македонските и полските бизнисмени истакна дека иако двете земји немаат отворени прашања треба да се интензивира политичката соработка и да се зајакне бизнис соработката. Тој потенцира дека Македонија ја поддржува во евроинтеграциските процеси и оти ги споделува претпристапните искуства со земјата, а особено за прилагодување на законодавството.
Бизнис форумот се одржа во организација на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија и Министерството за економија на Полска во соработка со стопанските комори.
“Во изминатиов период имавме посети на успешни полски компании од типот на Barlinek, Organika, LPP, во тек се неколку инвестициски проекти од текстилната и автомобилската индустрија, исто така беа организирани успешни Б2Б настани за извоз на македонски земјоделски производи и вино, и да не заборавиме на значителното зголемување на бројот на полските туристи во Македонија, што очекуваме посебно да се одрази во статистиката за 2013 год”, изјави Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Македонија, Висар Фида.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.