| четврток, 6 декември 2018 |

Шкотите дојдоа на фудбалска војна во Скопје, а пола војска им остана дома

Шкотите доаѓаат во Скопје на мегдан на Македонија, а како што самите велат подготвени се за фудбалска војна на „Филип втори“ арената. Марк МекГи, асистентот на селекторот Гордон Страхан, го следеше мечот меѓу Македонија и Велс, игран во петокот, а пренел порака дека Шкотите во Скопје ги чека непријатно гостување.

Според МекГи, а како што пренесуваат британските медиуми, македонските репрезентативци играле остро и на „нож“ против Велс, а особено на мета бил Арон Рамзи. Се споменува и случајот со Герет Бејл, кој имаше непријатен инцидент, или блиска средба со двајца неодговорни домашни навивачи за време на паузата меѓу двете полувремиња. Работите очекувано се малку и предимензионирани, а проблем е што Страхан и Шкотите вистински стравуваат од овој натпревар.

Велат дека ќе одат во војна, а пола војска им е повредена или суспендирана.

Во Скопје нема да настапат Џејмс Морисон, еден од лидерите на оваа генерација, потоа отсутни ќе бидат и голманот Алан Мек Грегор и Стивен Флечер, нивниот најопасен напаѓач. Но, за овие тројца се знаеше одамна дека нема да бидат во составот, а дополнителни главоболки во шкотскиот табор носат отсуствата на Роберт Снодграс, одличното крило на Норич, потоа и на Чарли Адам, играч од средниот ред на Стоук и на уште еден напаѓач, Џордан Роудс, па јасно е од каде дува ветерот.

Патем, ланската година на стартот од квалификациите Македонија ја надигра Шкотска на „Хемпден парк“ во Глазгов, пред познатата и многу бучна навивачка група„Тартан арми“ и само нашата неефикасност не спречи да победиме. Одигравме реми 1-1, а Шкотите речиси и да не упатија посериозен удар кон нашиот гол.

Со победа утре, Македонија има шанси да се пробие на третото место во групата, позиција за која се бориме со Србија, но и со Велс и со Шкотска. Белгија е веќе сигурен патник за Бразил на СП, а Хрватска најверојатно ќе игра бараж за пласман на Мундијалот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top