Серена Вилијамс ја освои 17. гранслем титула во кариерата и се израмни со Роже Федерер, по триумфот во финалето на САД опен против Викторија Азаренка. И лани двете тенисерки го играа завршниот меч во Њујорк, а и овојпат помладата од сестрите Вилијамс беше поуспешна и славеше со 7-5, 6-7 (6), 6-1.
Серена за 20-на дена ќе наполни 32 години, а синоќа стана шестата најтрофејна тенисерка заедно со Федерер, сметајќи ги само трофеите во поединечна конкуренција. Пред неа се Маргарет Корт со 24 пехари, Штефи Граф има 22, Хелен Муди застана на 19, а Мартина Навратилова и Крис Еверт имаат по 18 пехари. Федерер кај мажите е прв на вечната листа, а сега му се приклучи и Серена по новиот триумф на САД опен.
И овојпат како и лани се играа три сета, а повторно поуспешна беше Вилијамс. Првиот сет донесе многу возбудувања, Азаренка стаса на два поени до предност од 1-0, но сепак шампионката успеа да поведе, откако го доби сетот со 7-5. Кога во продолжението поведе со 4-1 во гејмови, се чинеше дека приказната е завршена. Но, Азаренка врати два брејка, се спаси на сервис за меч на противничката и по третпат годинава ја надигра Серена во тај-брејк. И тоа за чудо сите три ги доби со резултат 8-6 во поени. Вилијамс реагираше нервозно го фрли рекетот кон своето столче, но многи брзо ја врати самодовербата и ја декласира Азаренка во клучниот сет со 6-1. За неа ова е петта титула на САД опен, што овојпат и донесе цели 3,6 милиони долари како награда. Еден милион од вкупната сума е бонус, затоа што беше најдобра во таканаречената САД опен серија турнири што се играат на тврда подлога во Северна Америка.
Утре шанса за таков подвиг има Рафаел Надал, ако го победи Новак Ѓоковиќ во финалето. И тој е најдобар годинава на серијата турнири низ САД и Канада, а организаторите на САД опен даваат бонус од еден милион долари, само ако се освои и трофејот на гранслемот во Њујорк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.