Македонија е во ракометен транс, а Скопје е уникат во Европа, како единствен град на стариот континент со две машки екипи во Лигата на шампионите, Вардар и Металург. И чудото да биде уште поголемо, светско, треба да се погрижи женската екипа на Вардар. „Дрим-тимот“ на Сергеј Самсоненко има зрела шанса да го запише главниот македонски град во историјата на ракометот, како епицентар на прекрасната игра со три клуба во луксузното европско натпреварување, во иста сезона.
Вардарки на 14. и 15. септември треба да го потврдат рејтингот на состав што има амбиции и за атак на европската круна, со успешен настап на квалификацискиот турнир во Салерно. Ако се случи очекуваното и Лекиќ, Радичевиќ, Лејно, Пино, Дембеле, Хмирова и останатите девојки во „црвено-црни“ дресови го остварат планот и донесат очекуван пласман во ЛШ од Италија, тогаш ракометното македонско чудо ќе ги мине границите на реалното. Мала земја со таков спортски и ракометен капацитет во битка со гигантите Барселона, Пари сен Жермен, Хамбург, Кил, Фленсбург, веројатно и Ѓер, Будуќност, Ларвик, Хипо…, звучи помалку и неверојатно.
„Задоволен сум и среќен за секоја екипа од Македонија што ќе игра во Лигата на шампионите. Подобра промоција и на спортот и на државата од вакви успеси не постои. И Металург, па и јас како тренер во клубот со гордост можеме да се пофалиме дека даваме придонес кон афирмација на Македонија. Посебно сум пресреќен што клуб како Металург успева со години да се носи рамноправно, па дури и да биде подобар од бренд каков што е Вардар и во ракомет, но и во фудбал. Кога дојдов во Скопје си велев па како ќе успееме да бидеме рамноправни, па и подобри од клуб што имал ракометни легенди познати и признати на европските простори. Дури и си велев дека е невозможно да му конкурираме на бренд што ги имал Панчев, Рингов, Спасовски, Димитровски, во фудбалот. Но успеавме да му парираме на Вардар, а дербито со нив веќе ги надмина локалните рамки и стана препознатливо во Регионот и во Европа. Се надевам на фер натпревари, бидејќи сме во иста група, а на Македонците им порачувам да уживаат кога во Скопје ќе гостуваат моќните состави на Барселона и Пари сен Жермен. Да штедат пари за билети, но и да не ги штедат грлата и да навиваат за македонските клубови. Очекувам како дел од приказната наречена Металург да ја продолжиме нашата бајка и со навивачите и да продолжи убавата семејна атмосфера на трибините“, ни изјави Лино Червар, еден од творците на неверојатниот подем на РК Металург, клуб што го спонзорира Минчо Јорданов.
Ланскиот четвртфиналист во ЛШ, годинава имаше тешка задача да го мине ПИК Сегед во бараж двомечот, но успешно ја апсолвираше задачата и ќе игра во групата со Вардар, Барселона, Пари сен Жермен, Вакер Тун и Динамо Минск.
Состав и распоред за мерак, за сите симпатизери на спортот во Македонија и особено во главниот град Скопје. На 21. септември гостин на шампионот Вардар ќе му биде гигантот Барселона, а веќе следната седмица Металург ќе му биде домаќин на новиот ракометен големец Пари сен Жермен. Месец за уживање и за паметење.
„Подобра шанса за презентација на македонското гостопримство и не можеше да се укаже. Генерално ова е супер афирмација на македонскиот спорт. Се надевам дека и женскиот тим на Вардар ќе успее да ја мине филтер фазата и дека Скопје и Македонија ќе бидат единствени ракометни локации со три состави во Лигата на шампионите. Ќе навиваме за девојките, да успеат да ја збогатат и онака одличната ракометна атмосфера. Очекувам спектакуларни натпревари, а за нас многу значи и дербито со Металург, настан што ги надмина границите на државата. Македонија е уникат, а за мене е посебна работа што и ја си се надевам и мојата сопруга Индира Кастратовиќ со женскиот тим ќе бидат дел од ракометната бајка во новата сезона. Македонија слави 22 години независност, а семејството Кастратовиќ се чуствува одлично во вашата земја веќе две децении“, вели Зоран Кастратовиќ, тренер на машкиот клуб Вардар.
Целта на шампионот е да ја одбрани титулата во домашното првенство, а приоритет се и настапите во Лигата на шампионите, со надеж дека ќе се мине првата фаза. Неговата сопруга Индира која е легенда на македонскиот ракомет со титула и од Лигата на шампионите со Кометал Ѓорче Петров, ќе го предводи женскиот тим на Вардар кон европскиот врв. Сето тоа е најава за чудесно добра сезона, што ќе ги задоволи и најпребирливите симпатизери на ракометот.
Во Скопје Ќе ги гледаме Лазаров, Карабатиќ, Штербик, Рутенка, Хансен, Абало, Нарцис
Веднаш на стартот од новата сезона на теренот во салата „Борис Трајковски“ ќе имаме можност да ги гледаме мајсториите на Кирил Лазаров, Никола Карабатиќ, Арпад Штербик, Рутенка, Нодесбо, Томас и останатите врвни ракометни ѕвезди на Барселона. Кремот на Европа доаѓа во малата Македонија. Вредат милиони евра и Каталонците се најскапиот состав во моментов на планетата, а Вардар ќе мора да бара рецепт за изненадување на 21. септември. Со скапо платените и моќни ракометни ракометни магови на Каталонците, ќе биде екстремно тешко, но и „црвено-црните“ си имаат свои адути. Тимот се гради, а пристигнаа големите руски ѕвезди Дибиров и Растворцев, пристигна и Тоскиќ, тука се Филип Лазаров, Петриќ, Карачиќ…
Имате само неколку дена да здивнете од спектаклот, а во најава е нов, закажан за 28. Септември, повторно на исто место во салата „Борис Трајковски“. Овојпат ќе се навива за момците во „сини“ дресови, за Металург. Противник ќе биде новиот ракометен тигар ПСЖ, спонзориран од богатите Катарци. Петродоларите се важечка валута во Париз, а нагости ни доаѓаат познатиот дански бомбардер Хансен, потоа легендите од Франција Абало и Нарцис, Вори, Копљар….
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





