| четврток, 6 декември 2018 |

Да се биде или не за Македонија и за БиХ

Нов кошаркарски натпревар меѓу Македонија и Босна и Херцеговина ќе се игра денеска од 14,30 часот, а овојпат влогот е огромен и веројатно значи пласман во вториот круг од европското првенство во Словенија.

Кој ќе победи има шанса да го продолжи престојот на Евробаскетот, а поразената селекција речиси сигурно ќе биде елиминирана. Пред почетокот на шампионатот ги надигравме Босанците, во Улм на турнирот на кој играа и Германија и Грција. Македонија забележа три победи и го зазаслужи пехарот, а ја победивме БиХ со 93-84.

На тој натпревар блескаше Ѓорѓи Чековски, постигнувајќи 33 поени. Овојпат крилниот центар нема да игра поради повреда што ја заработи на дуелот со Литванија. Репрезентативците на БиХ, велат дека тоа е олеснителна околност за нив, но и дека Македонија има квалитетни кошаркари што се опасни.

„Не сакаме да ни се повтори епизодата од Литванија кога токму од Македонија го загубивме клучниот меч и бевме елиминирани. Станува збор за сериозен противник, а видовме колку лесно ја победија Србија. Не забораваме и дека го освоија четвртото место на претходниот шампионат, што потврдува дека не чека тежок меч со силен противник“, изјави Елмедин Кикановиќ.

Кај нас го нема Чековски, но за разлика од мечот во Улм, сега ќе игра Перо Антиќ. Капитенот тогаш доби поштеда од селекторот Алеш Пипан, а полека се враќа во форма. Против Србија одигра одлично и тој ќе ни биде голем адут во битката под обрачите со високите играчи на БиХ.

На денот на независноста на Македонија, немаме избор, освен победа, со што утре со уште еден триумф против Летонија би го завериле пласманот во втората фаза.

„Многу е важно да останеме цврсто на земја, затоа што победата против Србија ќе нема никаква вредност доколку не успееме да се пласираме во втората рунда. Не очекуваат Босна и Херцеговина и Летонија, две квалитетни екипи кои и натаму се во игра за пласман во следна фаза, па знаеме дека ќе мораме максимално сериозно да им пристапиме на тие две средби. Сепак, јас верувам во моите момци и не гледам причина зошто не би можеле да го повториме тоа што го одигравме против Србија. Ако продолжиме така, сигурно ќе имаме уште многу причини да се радуваме“, изјави Пипан.

Сепак и БиХ има добар состав, со НБА ѕвездата Мирза Телетовиќ како лидер и со одличниот Нихад Ѓедовиќ. Новиот член на Баерн Минхен се чини прикажа најмногу на претходните три дуели во Јесенице, а и нам секогаш ни задава многу проблеми. Борбен, со добар удар од поле и многу скочен и продорен, Ѓедовиќ е мошне незгоден за чување. Ни даде 18 поени во Улм, а и претходно во квалификациските дуели за пат во Литванија на ЕП, ни задаваше многу проблеми.

„Нема тајни меѓу нас, бидејќи одлично се познаваме. Групата во Јесенице е мошне изедначена и се покажа дека секој секого може да победи. Имаме доволно муниција за да ги победиме Македонците, а клуч на успехот ќе биде добрата одбрана“, изјави Ѓедовиќ.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top