Рафаел Надал го победи Ришар Гаске со 6-4, 7-6 (1), 6-2 и ќе игра за втората титула на САД опен против најдоброрангираниот светски тенисер Новак Ѓоковиќ. Шпанецот по 11. пат во исто толку меѓусебни дуели го надигра Гаске и без пораз во сезоната предвидена за игра на тврда подлога ќе му излезе на мегдан на Новак. Надал има серија од 21-0 на бетон и годинава се уште е непоразен на северноамериканскиот континент.
За 27-годишниот тенисер од Мајорка, ова е 18. гранслем финале со што се израмни со Пит Сампрас на вечната листа. Пред нив се само Роже Федерер и Иван Лендл.
Ѓоковиќ многу потешко се избори за ново финале во Њујорк, а мораше да игра маратон во пет сета против Станислас Вавринка. Србинот се врати од 1-2 во сетови и победи со 2-6, 7-6 (4), 3-6, 6-3, 6-4 во меч што траеше 4 часа и 9 минути. За финалистите ова ќе биде трет меѓусебен меч за титулата на САД опен, а досегашниот биланс е 1-1. Утре некој од нив ќе поведе со 2-1, а Надал беше подобар во 2010, додека Ѓоковиќ се реваншираше следната година. И двете финалиња завршија во 4 сета. Шпанецот ќе атакува на 12. гранслем титула, а српскиот ас се надева на седмиот трофеј.
Женското финале се игра денеска, а гледачите на „Флешинг Медоуз“ ќе гледаат реприза од лани и нов дуел меѓу Серена Вилијамс и Викторија Азаренка. Минатата година Вилијамс беше подобра и ја освои титулата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


