Македонија ги приземји „змаевите“ од Велс и победи со 2-1 во седмиот квалификациски натпревар за пат во Бразил следната година на светското првенство. Со головите на Иван Тричковски во 21. минута и на Александар Трајковски во 80. минута, ја забележавме втората победа во А групата и со натпревар повеќе се израмнивме со Србија на третата позиција, но имаме полоша гол-разлика.
Македонските репрезентативци одлично го почнаа дуелот со селекцијата од Островот и по 21 минута водевме со 1-0. Иван Тричковски олдично реагираше и од десетина метри го совлада Мајхил. Имавме шанси и за втор погодок, а и гостите играа отворено, допадливо, иако го немаа во стартниот состав најскапиот фудбалер на планетат Герет Бејл. Го очекувавме неговиот настап, прв по трансферот вреден 100 милиони евра од Тотенхем во Реал, но тој не одигра ниту една минута, иако беше на клупата за резерви. Во негово отсуство прва ѕвезда на составот е Арон Рамзи од Арсенал, а токму тој израмни од пенал во 39. минута.
Во меѓувреме Крег Белами ја погоди стативата од слободен удар, но по првиот дел остана израмнето 1-1. Во продолжението Горан Пандев и Иван Тричковски промашија од изгледни позиции, а публиката (околу 12 илјади) на нозе ја крена Александар Трајковски. Тој го реши нетпреварот со убав удар од 17-18 метри во левиот агол од голот на Мајхил.
Следниот натпревар ќе го играме против Шкотска повторно на „Филип втори„ арената во Скопје на 10. септември.
фото:А.Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


