Македонската машка ракометна репрезентација ги заврши подготовките и во престојната ноќ се упатува кон главниот град на провинцијата Андалузија каде в сабота не очекува првиот меч од Светското првенство против Чиле. Од двата воведни меча ќе зависи нашиот настап на шампионатот на кој сите сега ќе бидат далеку повниметелни со нас. Затоа капитенот Кире Лазаров на денешниот прес предупреди на важноста на викенд средбите во Palacio Municipal de Deportes San Pablo.
Не смееме да се опуштиме и да речеме дека Чиле и Катар се веќе победени иако сме објективно подобри. Ни треба сериозен однос и максимум од првата минута. Потоа ќе биде полесно со европските селекции: Исланд, Русија и Данска. Од почеток ќе одиме со полна концентарција, најдобро и на победа иако треба да внимаваме да не се потрошиме затоа што првенството е долго и напорно-вели капитенот Кире Лазаров.
Еве детален преглед и најава на нашите натпревари, но само од групата Бе во Севиља, по што се надеваме и на настап во елиминацискиот дел. Со натпревари тргнуваме в сабота од 15 и 45 против Чиле, а в недела не очекува уште еден меч што мора да се добие со Катар. Времето за почеток е 18 часот.
Понеделник е слободен ден за нас, по што во вторник во истиот термин, 18 часот играме со Исланд. В среда од 15 и 45 одиме на Русија, а следниот петок од 20 и 15 се соочуваме со Европскиот првак Данска. Ако бидеме меѓу првите 4 селекции во прелиминарната фаза на 20 јануари ќе играме осминафинале во Сарагоса или Барселона со една од репрезентациите од првата група која ќе игра во Гранољерс, каде што се Франција, Германија, Црна Гора, Тунис, Аргентина и Бразил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.