Долго, предолго време, со децении православните Македонци сметаа дека трагедијата на Македонците со исламска религија е туѓа трагедија. Дека таа се случува на туѓи луѓе, кои се надвор од националните рамки што ги опфаќаат само „автентичните“ Македонци. Некои сѐ уште сметаат дека „торбешите“, како што во овој текст ќе ги нарекуваме во наводници, а кој не треба да навреди никого затоа што е јасно дека тоа не е целта на текстот, не се составен дел од македонското етничко ткиво.
Не викајте ме Торбеш
„Не викајте ме Торбеш зашто ѕвездите ќе ми изгаснат во очиве и ќе се исцедат како солзи на доенче. Не викајте ме Торбеш зашто ќе ми пресушат потоците во жиливе, а утробава одрана кожа ќе ми се стори“.
Саме Жерновски
Можеме да ги нарекуваме Македонци муслимани , „торбеши“, луѓе од нашиот сој, Помаци, Горани, автохтони Турци што говорат мајчин македонски јазик и сл. Има и други начини што во погрдна или во позитивна смисла се употребуваат при описот на овој нераскинлив дел од македонската нација. Но проблемот со нив не е во начинот на кој им се обраќате туку во начинот на кој сите досегашни власти од крајот на Втората светска војна до почетокот на 21 век се однесувале кон нив. И покрај комунистичките доктрини за нацијата во кои ниту етничкото ниту верското не влијаело на третманот на граѓаните, рамноправни на хартија, сепак овој дел од македонските граѓани отсекогаш бил потценет, турнат настрана и, генерално, отстранет од социјалните, економските и од политичките текови на доминантното македонско население.
Дури во шеесеттите години од минатиот век, со обидите на Ранковиќ да направи етничко чистење во Косово и со протерувањето на Албанците и на Турците во Турција, голем дел од нив
заминале во земјата, која Ататурк од 18 век ја внесе во 20 век. За разлика од албанските интелектуалци, кои биле жртви на „политичката диференцијација“, како што се нарекувал во социјализмот ловот на вештерки, муслиманите по вероисповед за кои говориме овде не биде дел од тие процеси. Но не поради тоа што биле лојални или не туку затоа што никогаш не успеале да добијат простор во кој автентично би се бореле за своите правди и вистини.
Авторот на овие редови бил сведок кога православни Македонци занемувале кога од Долно Косоврасти ќе слушнeле македонска патриотска песна и се чуделе зошто песните на Војо Стојановски се пеат во куќите сместени до блиската џамија од каде што само пет минути порано се слушала муслиманска молитва. А такви се најголемиот дел од Македонците што живеат во релативно чисти етнички средини и кои од непознавање или од некаква блага форма на православен фундаментализам одбиваат да прифатат дека имаат браќа од друга религија. Тие сѐ уште не ја научија лекцијата од претседателот Трајковски и неговата верска припадност. Не можат да го сфатат концептот на кој почива албанската нација во која муслиманите и христијаните се речиси изедначени по број, а западниот сосед е еден од тие во кои не само што речиси нема конфликти на верска линија туку сите Албанци, без разлика на религијата, се единствени како ретко кој народ во регионот и во Европа.
Последиците од односот што македонските власти со децении го имаат кон граѓаните што го говорат како мајчин јазик македонскиот јазик, а имаат исламска религија, можат да се видат и од бројот на печалбарите од оваа група луѓе.
Ако се пресметаат како посебна група граѓани речиси сигурно анализите ќе покажат дека најголем процент на иселени луѓе не се ниту Македонците, ниту Албанците туку „торбешите“ . На потегот од гостиварските села Урвич и Јеловјане, преку реканските Ростуше, Требиште , Косоврасти, Скудриње, па сѐ до струшките, Подгорци, Лабуниште, населението е преполовено во последните 20 години. Гледано и пошироко, во општина Жупа во која граѓаните доминантно се Турци, за 15 години од повеќе од 7.000 жители сега живеат не повеќе од 3.000 луѓе. Неодминливо е чувството дека печалбата кај овие луѓе е единствено решение не само поради сиромаштијата, која е последица на игнорирањето на нивните потреби за економска, социјална и за политичка еманципација туку и поради генералниот однос на македонската држава кон нив. Стравот дека нема да бидат прифатени од Албанците како свои и разочарувањето дека Македонците нема да соберат сила да ги прифатат како „наши“ дополнително ја олеснуваат одлуката печалбата ,најчесто во Италија, да биде сѐ подоминантно животно решение.
За многумина е нелогично што на последните локални избори, во единствената општина каде што градоначалник е човек од оваа група граѓани, кој е кандидат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, победи со огромно мнозинство уште во првиот круг. Тие што не знаат како функционираат овие луѓе не можат да сфатат дека меѓу нив се, можеби, најголемите македонски патриоти, што најдобро се виде во 2001 година.
ВМРО–ДПМНЕ со огромен чекор напред
Тоа што е пропуштено да се направи во последниве 60 години на оваа тема тешко дека ќе може да се надомести за пет или 10 години. Сепак, инволвирањето на муслиман по вероисповед во највисокото тело владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, која важи за организација со најнационална провениенција базирана на христијанска идеологија, е огромен чекор напред во разбивање на идеолошката и национална матрица и кај оваа, но и кај сите други партии. Тоа треба да биде сигнал и порака и за сите други партии, кои се откажаа од овие луѓе, да не ги делат по верска основа занемарувајќи ја притоа националната врска.
Редовните посети на премиерот Груевски на реканскиот крај, каде што пред две недели за првпат во историјата беше отворена спортска сала, а претходно беше обновен патот кон селото во Требиште, колку и да е мал чекор, сепак, ги враќа надежите дека не е предоцна оваа група луѓе, без разлика како се чувствува, да се интегрира соодветно во македонската држава. Без разлика дали се членови на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ПЕИ или ДУИ. Најголемата трагедија ќе биде ако продолжат да се чувствуваат несакани од сите други етнички групи.
Бројки
Со оглед на тоа што најголемиот дел од Македонците муслимани отсекогаш се изјаснувале како Македонци во пописите не може со точност да се тврди колкав е нивниот број. Некои активисти тврдат дека ги има и повеќе од 150.000, но пореално е ако се каже дека се меѓу 80.000 и 120.000, а кои живеат во Прилепско, Дебарско, Струшко, Ростуше – Маврово, Мариово, Кичевско, Македонски Брод и други региони.
„Торбешка нација“
Идејата за „торбешка нација“, која ја промовираше партијата на Фиајт Цановски, предизвика сериозна дебата во редовите на народот „од нашиот сој“ како што ги нарекуваше лидерот на ПЕИ, но не доби доволна поддршка за иницијатива за промена на Уставот, како што планираа иницијаторите. Голем дел од активистите кај овој дел од граѓаните сметаат дека создавање таканаречена „торбешка нација“ е неприроден чекор, кој и од политичка и од етнолошко–културен аспект е погрешен. Не можете да создавате две нации од луѓе што говорат ист јазик и што имаат исти обичаи, од луѓе што пеат исти песни на свадба, вели еден активист, кој не сака јавно да говори на оваа тема, што доволно говори за внимателноста кај овие луѓе да не бидат погрешно разбрани.
Засега се без успех и обидите за формирање муслиманска нација во Македонија, односно „торбешите“, како во Југославија, да бидат инкорпорирани во глобалниот муслимански народ што е цел на одредени радикални исламски групи, кои имаат свои приврзаници и во земјава. Дел од нив беа активни за време на ланскиот Вевчански карневал, но и пред една недела, кога во селото Октиси блокираа христијански верници што одеа да стават темели на нова црква. Овие радикали, кои засега немаат масовна поддршка од целото население, случајно или не се појавија само два дена по посетата на премиерот Груевски, кој во овој дел од поширокиот струшки регион замина да види кои се потребите на граѓаните од сите вери и нации, но и да се информира како живеат најмаргинализираните од сите граѓани.
(објавено во 52. број на неделникот „Република“, 30.08.2013)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.