| четврток, 6 декември 2018 |

Гротеска

adrapo-sparai-90x115

Колумнист:
Адрапо Спараи

Гротеската е аспект на естетското, обрнато во опачината на тоа што треба да го претставува. Тоа е состојба што го поминала смешното и веселото и, полека, но сигурно запаѓа во зоните на грдото, иако во себе содржи некакви хумористични својства. Гротеската предизвикува израз, кој почнал како смеење, а завршува како чудење со ширум отворена уста, таканаречено грохотно смеење. Изразот гротеска е воведен во литературата од зборот „grotta“, што на италијански значи пештера. По оваа експликација нештата стануваат многу појасни.

Но ова не е текст за естетиката и за нејзината феноменологија, туку за најновите стратегии на опозицијата, чиишто ефекти се повеќе од гротескни. Имено, во последно време повеќекратните губитници на политичката сцена во Република Македонија решиле да ги земат работите во свои раце и, во една обновена и сеопшто мобилизирана атмосфера, конечно да ја преземат власта. Но, до тоа никако не може да дојде, од проста причина што овие подновени ордонанси на грозомората (што би рекол Славко Јаневски), со сите усилби не можат да разберат како денес се води политичката борба за заземање на власта и кои сè средства треба да се применат за позитивно да се сензибилизира електоратот. Тие воопшто не ни помислуваат на една активна, позитивна и беспоштедна акција на теренот. Ваквата помисла ги прави анксиозни и речиси им се превртува утробата од овие, за нив, мачни и неприфатливи сценарија и стратегии, што треба да се одработат токму меѓу народот. Бевме сведоци како пропаднаа нивните симулирани коегзистенции со македонските земјоделци минатото лето. Во политиката се трчаат маратони и потребна е посветеност до фанатизам, кој, пред сè, треба да произлезе од љубовта кон татковината и нејзиониот народ. Ниеден трик, ниедно палијативно решение нема да донесе предност во трката за власт. Едноставно, овие опозициски политичари, диносауруси на идеологијата, која освен фатаморгани не може да донесе ништо конструктивно и реално, одамна се излезени од сите можни трендови на современите општествени процеси. Затоа дејствуваат гротескно нивните недоветни заложби за пресврт во устројството на пирамидата на моќта. Одамна им стана јасна и можноста за примена на наследното право, како во феудализмот, демек, тие знаеле да владеат зашто тоа им било во крвта и во менталитетот, затоа што владееле веќе со генерации. Ги гледате ли карактерите на овие гротескни несреќници? Еве, уште еден пример, кој ни укажува дека нашето страдање, главно, доаѓа од немоќта да излеземе на крај со мудроста на искуството, низ прифаќање и разбирање. А нивното страдание, пак, доаѓа од патолошката желба да се вратат на власт, каде што, како што велат, се чувствувале живи како риби во вода. Но, македонскиот народ, упропастуван од долговековните ропства, нема време за губење, ниту, пак, размислува да им прави атер на овие измамници, кои беа главните актери во последната трагична епизода во историјата на овој прекрасен, благотрпелив и доблесен народ. Тоа, веќе, овој народ, кој си ја фати судбината во свои раце, нема да го дозволи.

И сега, откако ордонансите на грозомората се освестија од последниот нокаут, што го претрпеа на минатите локални избори, еве, сега, тие повторно се креваат и се организираат во нови субверзивни групации, спремни да почнат од почеток во своите луди амбиции за освојување на власта. И повторно, со безумен и бесен терор. Тие сега почнаа со анонимни заканувачки јавувања по телефони, праќање, исто така, агресивни и безобразни мејлови и СМС.

Тие, ордонансите на грозомората, тие гротескни фигури на политичкото подземје, решиле да ги нападнат сите точки на нивната непријателски акцептирана структура од влијание во општеството. Демек, ќе играле пресинг, човек на човек. А, всушност, тоа што го прават е ужасно простачко вознемирување на граѓанството. Нивните закани, дека ќе јадат човечко месо, дека ќе локаат крв од политичките противници и, конечно, дека ќе ги убијат каде и да ги сретнат, е една ужасна гротеска, колку смешна, толку грда и трагична.

Со овие зафати актерите на оваа политичка гротеска се легитимираат како криминалци и сосема непожелни за каква било политичка партиципација во државава.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top