Празничен старт со мега-дербито Металург – Вардар ќе има во новото издание на СЕХА-лигата, токму на денот кога ја славиме 22. година од независноста на Македонија. Металург е формален домаќин на мечот што се игра во салата “Борис Трајковски“ во Скопје. Лино Червар, тренерот на Металург најави дека СЕХА-лигата сезонава не е топ-приоритет за вицешампионот на Македонија и дека ќе се форсираат помладите ракометари.
„Сметам дека помогнавме во растот на ова натпреварување, но СЕХА се уште е во рамките на пионерски потфат. Треба да се пофали напорот, но има доста работи кои треба да се поправат. Ќе се обидеме да искомбинираме и повеќе да им дадеме шанса на помладите ракометари во ова натпреварување, бидејќи приоритет ни се настапите во Лигата на шампионите. Сепак, натпреварите со Вардар имаат посебен шмек, ова дерби ги надмина границте и на Балканот, па секако посакуваме победа. Ме радува што има знаци на напредок во односите на двата клуба, па им порачувам на гледачите да дојдат и да уживаат во добар ракомет“, изјави Лино Червар.
Натпреварот се игра утре од 20,15 часот, а влезот чини 100 денари. Во последните неколку сезони на дуелите на двата најуспешни состави кај нас имаше многу оган, и сериозни инциденти, но се најавува затоплување на односите. Металург ќе му ја отстапи герфлор подлогата на Вардар за натпреварите во Лигата на шампионите, а за возврат „црвено-црните“ му понудиле на ривалот да ги игра натпреварите од СЕХА-лигата во нивната сала на „Кале“. Металург размислува за играње и надвор од Скопје, но проблем им се строгите правила на Регионалната лига, која бара идентична подлога за време на натпреварите со таа од Лигата на шампионите. Поставувањето на герфлор подлогата е проблематично и за тоа треба посебни услови во секоја сала. Ако се изнајде решение Металург би играл мечеви од СЕХА-лигата во Велес и во уште неколку други македонски градови.
„Ланската сезона натпреварите со Вардар личеа на се, само на ракомет не. Очекувам смирување на страстите, а Металург без разлика со кој состав ќе игра секогаш оди на победа. Заслуживме почит за игрите и резултати што ги имаме во овие неколку сезони и се надевам дека публиката ќе дојде и ќе ужива во дербито“, изјави Гоце Георгиевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


