Трофејот на САД опен ќе го менува сопственикот, по поразот на актуелниот шампион Енди Мареј од Станислас Вавринка во три сета. Швајцарецот за првпат ќе игра во полуфинале на гранслем турнир, а пласманот го обезбеди на импресивен начин со победа од 6-4,6-3,6-2. Мареј не беше ни сенка од тенисерот што лани доминираше на „Флешинг Медоуз“ и стаса до првиот гранслем трофеј во кариерата.
Вавринка ќе се обиде да стаса до самата завршница, а противник за пласман во финалето ќе му биде подобриот од дуелот меѓу Новак Ѓоковиќ и Михаел Јужњи. Во второто полуфинале ќе играат Рафаел Надал и Ришар Гаске.
Во женска конкуренција актуелната шампионка на САД опен Серена Вилијамс за противничка ја има На Ли, а ако победи има шанса да го брани трофејот против истата противничка од лани, Викторија Азаренка, под услов и Белорусинката да биде подобра од Флавија Пенета.
Големо изненадување покрај елиминацијата на Мареј е и поразот на браќата Брајан, Мајк и Боб кои загубија од двојката Ленадер Паеш и Радек Степанек. Американскиот дубл што го сочинуваат близнаците е најтрофеен во историјата на тениската игра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.