Македонија го загуби премиерниот меч со Црна Гора со 80-81 во инфаркт завршница, а на поразот му кумуваа и судиите кога во самиот финиш не досудија чист кош за нашата селекција, по влечењето на мрежичката од страна на кошаркар на Црногорците. Лестер Бо Мекејлеб се обиде да постигне кош, промаши, а на одбиената топка во скокот еден од кошаркарите на противникот ја повлече мрежичката на обрачот и не дозволи поени на Чековски. Според правилата на ФИБА, во таква ситуација се доделуваат поени, но овојпат тоа не се случи.
Делумно и сами му кумувавме на поразот, бидејќи на нецели 3 минути до крајот имавме позитива од 7 поени, 78-71, но ја прокоцкавме. Тајриз Рајс кај Црногорците беше незадржлив, а прецизно погодуваше од линијата за слободни фрлања. Натурализираниот Американец лесно минуваше низ нашата одбрана и не казни за пропустите. Во меч на европско првенство недозволено е да примите 81 поен, а ја немавме препознатливата одбрана од Литванија пред две години.
Лестер Бо Мекејлеб одигра нов брилијантен меч се бореше како лав и со 23 поени беше најефикасен на мечот. Одлична партија одигра и Дамјан Стојановски со 19 поени и 5 скока, Илиевски уфрли 10 поени, но ја немавме сигурноста од 2011 година. Антиќ и Чековски потфрлија, но идентично со пораз од Црна Гора ја почнавме и авантурата во Литванија, па сепак го освоивме четвртото место. Утре ќе играме против првиот фаворит во нашата Б група Литванија.
Кај Црногорците Рајс и Суад Шеховиќ дадоа по 16 поени, а ефикасни беа и Бјелица со 12 поени и Сеад Шеховиќ со 11 поени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


