| четврток, 6 декември 2018 |

Поддршка од Канада за членство во НАТО и за уставното име

kanada spiker poseta

Македонија и Канада се пријателски земји со добри политички билатерални односи кои можат да се унапредуваат во парламентарната и економската сфера. Добрите односи се отсликуваат преку постојаната поддршка на Канада за членство на Македонија во НАТО и признавањето под уставното име.

Ова е оценката на претседателот на Сенатот на Канада, Ноел Кинсела, и претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски, по нивната денешна средба во Скопје.

– Многу ја цениме поддршката што ја добиваме од Македонија во контекст на приклучувањето на Америка и Канада во договорот за слободна трговија со Европската заедница. Канада е благодарна и на сите генерации Македонци кои дошле таму и помогнале таа да се изгради во земја каква што е денес – истакна Кинсела.

Тој додаде дека на денешната средба станало збор за Групата за македонско-канадско пријателство која е формирана во канадскиот Парламент и која, како што рече, е добро средство за унапредување на билатералната соработка на двете земји.

– Едно од поголемите достигнувања на парламентарната демократија е што таа им овозможува на парламентарците во Канада да ја разберат состојбата и начинот на живот преку очите на самите жители. Ние учиме многу преку соработката и добрите односи што ги имаме со колегите од Македонија. Тоа ни овозможува и да ја унапредуваме соработката и да ги согледаме економските можности – истакна Кинсела.

kanada spiker poseta1

На средбата со неговиот колега Вељаноски разговарале и за можностите за овозможување поголема мобилност преку олеснување на визниот режим.

– Разговаравме за многу прашања вклучувајќи го и визниот режим, за олеснување на добивањето визи и полека и за нивно укинување, но и други прашања кои се од големо значење за бизнис-заедницата и за граѓаните. Одличните политички односи меѓу двете земји треба да дадат придонес и за обичните граѓани – истакна по средбата претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски.

Кинсела денеска имаше и обраќање пред македонските пратеници, а во рамки на неговата посета предвидени ќе има средба и со директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска и со лидерите на петте верски заедници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top