Скопје стана единствен град во Европа што ќе има два клуба во ракометната Лига на шампионите. Ако тоа се дополни со очекуваниот пласман на силната женска екипа на Вардар во елитното натппреварување, доаѓаме до историски податок, дека главниот македонски град во една сезона во истата сала „Борис Трајковски“ ќе има три врвни ракометни екипи што ќе ги нагостат ракометните великани. Многу тешко е да се биде оригинален во заклучокот, но можам да кажам дека Скопје ќе биде ракометно Милано. И да им порачам на Македонците да уживаат во ракометната револуција, пишува Жика Богдановиќ, редовниот колумнист на специјализираната веб-страница за ракомет „Balkan-handball.com“.
„Кога и да одите во Скопје, деновите ќе ви бидат исполнети со микс на гастрономско, спортско и пријателско уживање. Тоа нема да се промени и во новата сезона, а сите патишта за ракометните симпатизери уште побрзо и почесто ќе ве водат кон Скопје и салата „Борис Трајковски“. Тоа е реплика на „Сан Сиро“ и Интер и Милан, со два ракометни клуба Вардар и Металург што сигурно нема да играат епизодна улога во Лигата на шампионите и верувам со уште еден женски состав на Вардар, кој е веќе виден во битката за европскиот врв. Ќе биде уживање за сите, а особено е интересен ривалитетот на Вардар и Металург во машка конкуренција. Тоа дерби полека, но сигурно ги минува границите на Македонија и станува поим за Балканот, а луѓето од Регионот сѐ почесто стануваат навивачи на едниот или другиот тим. Треба да го респектираме успехот и да кажеме уживајте во ракометните претстави“, дополнува Богдановиќ.
Уште ако се додаде дека Вардар и Металург се во иста група во ЛШ, заедно со Барселона и Пари сен Жермен, кои имаат екипи за шампионска титула, тогаш очекувањата за врвни претстави се сосема реални. Уште женскиот тим на Вардар да обезбеди очекуван пласман во ЛШ, Скопје сосема заслужено ќе биде епицентарот на ракометот во Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



