За период од 3 години само во Скопје Брзата помош и Клиниката за Токсикологија интервенирале 865 пати во случаи на предозирање со дрога, јавува „Алфа тв“ На светско ниво оваа бројка е застрашувачка – во 2011-та од предозираност починале меѓу 102 и 250 илјади луѓе.
Од невладината ХОПС, на меѓународниот ден за подигнување на свеста за предозирање од дроги, апелираат да се намали стигмата поврзана со смртноста предизвикана од предозирање.
Според последниот извештај на Обединетите нации, во првите 10 години од овој век само во Европа починале повеќе од 70 илјади луѓе. Друго истражување, пак, на Евроазиската мрежа за намалување на штети, проценува дека во регионот на Источна Европа, во кој спаѓа и Македонија, 3 милиони и 280 илјади лица употребуваат дроги. Од ХОПС порачуваат воземјава да се воведе ефикасен систем за евидентирање на случаите на опијатно предозирање.
Претпоставената бројка на корисници на дрога во земјава се движи од 10 300 до 10 900. Но со оглед на фактот дека голем дел од зависниците не се евидентирани, овој број е неколкукратно поголем.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.