| четврток, 6 декември 2018 |

Филе негира дека има притисок од Самарас да заборави на Македонија

стефан филе

Комесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе, преку својата канцеларија, негира дека полека „се лади“ од Македонија и обидите нашата земја да го добие заслужениот датум за преговори со Унијата, под притисок на грчкиот премиер Андонис Самарас, јави дописникот на МИА од Брисел.

Високи извори на ЕУ, кои инсистираа на анонимност, за МИА претходно изјавија дека Филе добил директна закана од претседателот на Владата на Грција дека ќе може да заборави на грчкиот глас во обидот да добие втор мандат во 2014 година, доколку продолжи да ја турка Македонија кон членство во Унијата.

Како што е познато, Европската комисија преку Директоратот за проширување со кој раководи чешкиот комесар, изминатите четири години лиферуваше исто толку позитивни извештаи со препорака до Европскиот совет нашата земја да ги почне преговорите за членство. Сепак, поради блокадата од Грција, а во последно време и на Бугарија, Македонија не го добиваше заслуженото, иако Филе со сите сили притискаше Грците да се откажат од блокадата, предлагајќи и варијанти за решавање на наметнатиот спор за името. Во ланскиот октомвриски извештај на ЕК за Македонија, Филе предложи македонската држава да ги почне преговорите со Унијата, а спорот со Грција да се решава во раната фаза од овие преговори.

Со цел и годинава да не добие „инспирација“ за нов предлог, со кој Грција повторно би била ставена во незавидна ситуација, а во однос на решавање на спорот и напредување на Македонија во евроинтеграциите, Филе, според изворите, добил „предупредување“ од премиерот Самарас дека е добро „да се тргне настрана“ од спорот за името и да престане да ја турка нашата земја. Ова, наводно е условено со тоа дека доколку сака Грција да даде согласност за негов нов комесарски мандат кој, заедно со мандатот на сите еврокомесари, му завршува идната година.

– Последната официјална комуникација меѓу комесарот Филе и грчкиот премиер Самарас беше пред околу една година и се однесуваше на прашањето за проширување на ЕУ, гласи одговорот за МИА од канцеларијата на Филе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top