Добивме жешка шлаканица во Скопје и само чудо може да ни донесе пласман во Лигата на шампионите, објавија унгарските медиуми по дебаклот на ПИК Сегед против Металург. Македонскиот вицешампион славеше прекрасна победа од 10 гола разлика, 26-16, и што е најважно прими многу малку голови, што во вакви натпревари значат гол повеќе. Реваншот од бараж двомечот за пласман во Лигата на шампионите се игра в недела од 19 часот во Сегедин.
„Фијаско на ПИК Сегед во Скопје“ е насловот на порталот „nemzetisport.hu“, а новинарите понудија објективен поглед на настаните, со заклучок дека унгарскиот тим е речиси сигурен патник во ЕХФ купот. Во друштво на ракометниот крем, во Лигата на шампионите според нив сигурно ќе игра подобриот тим Металург. Се истакнува лошото второ полувреме на ПИК Сегед, кога гостите постигнаа само 5 гола, но се потенцира и одличната одбрана на Металург и особено извонредното издание на голманот Дарко Станиќ.
„Двата состави се засилија во летниот преоден рок, но разликата е очигледна. Металург покажа дека заслужено играл во четврт-финалето на Лигата на шампионите и потврди дека е подобар тим. Одбраната на домаќините и расположениот Станиќ го одлучија натпреварот“, стои во извештајот од мечот.
Шаболц Зуба се вклопи во сивилото на гостите од Унгарија, а коментарот на ракометарот на ПИК Сегед доволно говори за прикажаното на теренот.
– Ова е ужасно лоша партија за нас. Не е проблем што примивме 26 гола, но да се постигнат 16 е крајно лош ефект. Не би говорел понатаму за нашето издание. Со ладни глави ќе го анализираме натпреварот за да извлечеме заклучок и да одиграме подобро во реваншот – е коментарот на Зуба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.