| четврток, 6 декември 2018 |

Надал е непобедлив на американска почва

Рафаел Надал ги најави амбициите за освојување на втората титула во кариерата на ОП на САД, а почетокот на 82. издание на гранслемот во Њујорк му беше одличен. Шпанецот со 6-4, 6-2, 6-2 го победи домашниот тенисер Рајан Херисон и ја продолжи неверојатната авантура од 16 победи на турнирите на американска почва што се играат во овој дел од сезоната на тврда подлога.

Херисон е голема надеж на американскиот тенис, има 21 година, но беше лесен залак за Надал. Шпанецот рутински со извонредна игра го разоружа противникот и ќе игра во второто коло. Тој има 35 победи во стартните рунди на сите гранслем-турнири и само еден пораз. Славеникот е Стив Дарсис, тенисер што го елиминираше шпанскиот ас во 1. коло на Вимблдон годинава. Надал е фаворит број 1 за титулата, а како поткрепа се титулите од трите мастерси во Индијан Велс, Монтреал и Синсинати, сите играни на бетон, подлога што е поставена и во Њујорк.

Изненадување на премиерниот ден се елиминациите на Гулбис и на Нишикори, кои се поразени од Хајдер Маурер, односно од Еванс.

Кај дамите стартот го одбележи победничкото враќање на Венус Вилијамс. Шампионката од 2000 и од 2001 година, долго се мачи со здравствени проблеми, но блесна вчера во Њујорк со победа од 6-1, 6-2 против Флипкенс. Истата тенисерка ја победи Венус пред три седмици во Торонто, но сега Американката се реваншираше.

Уверлив триумф од 6-0, 6-1 забележа и нејзината сестра Серена Вилијамс, тенисерка што ја брани титулата. Декласирана беше поранешната шампионка од Ролан Гарос, Франческа Скјавоне.

Премиерниот ден мина без позначајни изненадувања во женска конкуренција.

Venus Williams

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top