| четврток, 6 декември 2018 |

Со божја помош Металург до победа против ПИК Сегед

Металург е пред нов предизвик и двомеч против унгарскиот ПИК Сегед, што одлучува која од овие две екипи ќе игра во Лигата на шампионите. На првиот дуел Металург е домаќин на 28 август од 19 часот во салата „Борис Трајковски“. Реваншот е на 1 септември во Сегедин.

– Мислам дека Металург по три години играње во квалификациите апсолутно заслужи годинава да настапува во ЛШ. Сепак, сега не е време да се зборува за тоа, сега е време да се говори за Сегед, нашиот следен ривал. Тоа е тим што, исто така, играше во Лигата на шампионите, се сменија доста работи со доаѓањето на новиот тренер Пастор. Го ценам многу, тоа е еден тивок, скромен човек што многу разбира ракомет. Со Шпанија во 2005 година стана европски првак. Сигурен сум дека Сегед годинава ќе биде посилен од лани бидејќи Пастор сигурно ќе создаде далеку подобра физиономија на тимот, а Сегед ќе игра побрз ракомет – изјави Лино Червар.

Lino Cervar i Naumce Mojsoski

Раководството на Сегед настојуваше што повеќе да ги сокрие своите адути од нашиот вицешампион, но Червар смета дека добро ја има анализирано играта на противникот. Можеби мал хендикеп е што Металург првиот меч го игра дома.
 Наумче Мојсовски ја презеде улогата на капитен на тимот, а потсетува дека македонскиот вицепрвак лани играше одлично на гости.
– Секако дека мора секој гол и секој напад да се цени на овие две средби, многу ќе ни значи секој наш погодок и секоја интервенција на нашите голмани. Можам да кажам дека атмосферата во екипата е на одлично ниво, сите се желни за докажување, со доведувањето на Атман имаме нова свежина во нападот која ни недостигаше лани. Металург досега во изминатата година доста подобро играл на гостински терен, така што мислам дека нема некоја негатива за нас што реваншот ќе го играме во Унгарија. Ги повикувам нашите верни навивачи в среда пак да дојдат, знаеме дека е тоа голем христијански празник, Голема Богородица, и се надевам дека со Божја волја ќе се пласираме во ЛШ – вели Мојсовски.
naumce mojsoski
Од Металург информираа дека билети во продажба сѐ уште има, а очекуваат добра посета и поддршка од публиката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top