Индира Кастратовиќ не сака порази ниту на подготвителни натпревари, но за македонскиот шампион Вардар најважно е да се победува во вистински момент. Вчера актуелниот европски првак Ѓер беше убедлив и во финалето на турнирот во Унгарија го победи Вардар со 29-21.
„Секако дека не е сеедно кога ќе загубиш, но и од поразите треба да извлечеме поука. Тие се европски шампионки, а ние сме на самиот почеток од создавање на силен и воигран состав. Турнирот беше одличен и добра проверка за нас пред стартот на новата сезона. најважно е да бидеме добро подготвени за квалификацискиот турнир за пласман во Лигата на шампионите“, изјави Кастратовиќ.
Вардар во Ѓер ги победи Крим Меркатор и Мец, а загуби од домашната екипа.
За составот во кој има дури 8 нови ракометарки тоа беше добра проверка до каде се со подготовките за турнирот во Салерно, што ќе биде последен филтер за настап во ЛШ. Се игра во септември, а прв противник е токму домашната екипа на Салерно.
ФОТО: zrkvardar.mk
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.