| четврток, 6 декември 2018 |

Њујорк домаќин на најдобрите тенисери, денеска почнува САД опен

Њујорк ќе биде домаќин на најдобрите тенисери и тенисерки на планетата, а од денеска во големото јаболко почнува последниот гранслем во сезоната, Отворено првенство на САД. На терените на „Флешинг Медоуз“, Енди Мари и Серена Вилијамс ги бранат трофеите од лани, повторно се во кругот на фаворитите за триумф што се памети и вреди гранслем- титула, а конкурентите ќе се обидат да ги симнат од тронот.

Мари лани го победи Новак Ѓоковиќ во финалето, а годинава едно е сигурно, ќе нема реприза на машкото финале. Двајцата тенисери се во истиот дел од костурот на турнирот и ќе мора да играат во проектираното полуфинале меѓусебе, ако нема изнанедувања. Ѓоковиќ беше победник во Њујорк преклани, а има импресивни 6 полуфиналиња на ОП на САД едноподруго.

Прв фаворит според формата, сепак, е Рафаел Надал. Шпанецот се врати по проблемите со колената и игра фантастично. Победи на три турнири од мастерс-серијата на тврда подлога, а славеше на турнирот пред Ѓоковиќ и Мари во 2010 година. И тој знае да игра во Њујорк, а потврда е титулата и 4 полуфиналиња во низа. Интересно е што поради падот на Роже Федерер на листата на АТП, за првпат е можно Надал и Швајцарецот да играат четврт-финале на гранслем-турнир. Нивниот дуел би бил вистински тениски блокбастер.

Последен во кругот најголеми фаворити за победа на ОП на САД е Федерер. Веќе ветеран со 32 години, швајцарскиот ас, сепак, не е за потценување иако не игра како во најдобрите времиња. Тој има најдобар процент на успешност на ОП на САД од активните тенисери, со 89 проценти и 5 титули во низа од 2004 до 2008 година. Федерер е икона во Њујорк и ако игра како што знае, може да стигне до подвиг и 18 гранслем-трофеј во кариерата.

Како се победува на турнирот знаат и Хуан Мартин дел Потро, кој славеше во 2009 година и Лејтон Хјуит, но Австралиецот одамна не е во делот на најсериозните кандидати за гранслем-трофеј.

Кај дамите, Серена Вилијамс е кралицата на Њујорк и таа е единствената од тенисерките што ќе играат на ова издание со повеќе од еден трофеј на ОП на САД.

tenis 1

Ланскиот триумф ѝ беше четврти на „Флешинг Медоуз“, а покрај неа на победничкиот пиедестал биле и нејзината сестра Венус Вилијамс и Саманта Стосур. И двете се фаворитки во сенка, а најсериозни кандидатки да ја симнат Серена од врвот се Викторија Азаренка, осоебно по победата над шампионката на претходниот турнир во Синсинати, потоа Агњешка Радванска, На Ли и Петра Квитова.

Поради проблеми со рамото, од настап се откажа Марија Шарапова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top