Доколку меѓународните кредитори се согласат за второ отпишување на дел од грчкиот државен долг, тоа ќе доведе до влошување на економската ситуација во земјите од еврозоната, смета германската канцеларка Ангела Меркел.
-Упатувам сериозни предупредување во врска со отпишувањето на долговите на Грција, истакна Меркел во интервју за германското списание „Фокус“.
Според Меркел новото отпишување ќе предизвика домино ефект, што пак, ќе доведе до зголемување на несигурноста во еврозоната.
-Како резултат на тоа подготвеноста на приватните инвеститиори да инвестираат повторно ќе почне да се движи во надолна линија, додаде таа.
Јорг Асмусен,. член на Извршниот одбор на Европската централна банка, нагласи дека шпекулациите во врска со намалување на грчкиот долг не придонесуваат за подобрување на ситуацијата во еврозоната.
-Таквите дискусии ја одвлекуваат Атина од она што треба да го сработи во насока на консолидација на буџетот и економскиот раст во рамки на сегашната програма, нагласи Асмусен.
Еврокомесарот за енергетика, Гинтер Јотингер, кој е и член на владејачката конзервативна партија на Меркел изјави во интервју за „Велт“ дека очекува евентуалниот иден финансиски пакет за Грција да изнесува нешто повеќе од десет милијарди евра. Тој додаде дека третиот пакет ќе го опфати периодот 2014-2016 година.
Со двата спасувачки пакети досега европските партнери на Грција и Меѓународниот монетарен фонд учествуваа со заеми од 240 милијарди евра. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле оваа недела изјави дека ќе биде потребна нова програма, по истекот на таа што сега е во сила, следната година.
Грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас изјави дека доколку се покаже дека во 2014 година е потребна и трета програма, таа ќе изнесува околу десет милијарди евра и нема да биде условена со нови економски мерки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


