| четврток, 6 декември 2018 |

Грците и на суд докажуваат патриотизам:стрес од клевета за Македонија се лекува со 15.000 евра

Поранешниот солунски префект Панајотис Псомијадис по налог на судот ќе мора да му плати 15.000 евра на поранешниот европарламентарец од грчката партија на зелените, Михалис Тремопулос, бидејќи го навредил оти не бил патриот за македонското прашање, пишува „Дневник“.

Псомијадис доби тужба од европратеникот од партијата на зелените пред две години поради тоа што во телевизиски емисии го нападна Тремопулос дека бил единствениот грчки европратеник што дал зелено светло за извештајот за Македонија. Во тоа време, солунскиот префект, кој беше на суд поради злоупотреба на службената положба, кажа дека некој сака да го замолчи поради неговите ставови за Македонија. Псомијадис побара наместо со него, јавноста да се занимава со антигрчките изјави на грчките пратеници, споменувајќи ја посетата на Тремопулос во Скопје, на заедничка дебата со партијата ДОМ за градење нуклеарни централи во регионот.

Патот до тужба

Ваквите изјави на Псомијадис го налутија европратеникот од редовите на зелените и го натераа да поднесе тужба.

– Овој театар на апсурдот, пропагандата дека Партијата на зелените има, наводно, позиции против државните интереси, мора да престане. Псомијадис ме користи како вреќа за бокс за да го сврти вниманието од обвиненијата против него како префект – изјави Тремопулос. Европратеникот нагласи дека солунскиот префект ги извртел неговите зборови за да најде непријател со кој ќе се вади во тешките моменти.

– Бев во Скопје за соработка со тамошната партија на екологистите против изградба на нуклеарна централа на само 12 км од грчката граница. Наместо да ни се честита за оваа иницијатива, Псомијадис и неговите поддржувачи сакаат да н` вмешаат во оваа приказна за пропаганда и антигрчки позиции – рече пред две години Тремопулос.

Вчера не успеавме да го добиеме Тремопулос во канцеларијата во Солун за да ни ја коментира пресудата. Според информациите што ги објавија грчки медиуми, изјавата на Псомијадис претставувала навреда на честа, угледот и на личноста на тужителот, особено како политичар. Пресудата треба да биде објавена во неколку грчки весници. Судот го прифатил објаснувањето на Тремопулос дека Псомијадис го обвинил оти не ги бранел националните интереси врз основа на лаги на блогери.

Ни прв ни последен

Инаку, Тремопулос не е единствениот грчки политичар што беше обвинет дека нема доволно тврди ставови во однос на прашањето за името. Антимакедонската сабја пред пет години заигра во ПАСОK. Тогашниот советник за политички комуникации, Григорис Валијанатос, беше избркан од партијата бидејќи во телевизиска емисија кажа дека соседната земја треба да се нарекува Македонија и дека постои македонско малцинство во Грција. Иако кажа дека ваквите ставови се негово лично мислење, не му помогна. Следното утро ПАСОK издаде соопштение со кое ја информира јавноста дека договорот со Валијанатос е поништен затоа што изнел „лични ставови“, кои не биле во согласност со партиската линија. Валијанатос, кој сега е претставник на Либералната партија, за „Дневник“ вели дека с` уште го сметаат за предавник поради неговите ставови за македонското прашање.

– Либералните ставови за македонското прашање ми даваат добар публицитет. Ме нарекуваат „агент на Македонија“. Сепак, добро е што не сум единствениот што сметам дека секој треба да го има правото на самоопределување – вели Валијанатос.

Грчката опозициска партија СИРИЗА, пак, го отстрани својот претставник Насос Теодоридис од Парламентарната комисија за човекови права откако на социјалните мрежи промовирал промакедонски и протурски ставови.

Прво напишал дека грчкиот остров Имиа ~ припаѓа на Турција, нагласувајќи дека Грција треба да престане да „ги брка турските авиони над Егејското Море“.

Теодоридис беше отстранет од комисијата, но не и од партијата, како што побара владејачката Нова демократија.

Преку соопштение, владејачката партија исто така нагласи дека ако Ципрас веднаш не го отстрани Теодоридис од партијата „значи дека се согласува со неговиот предлог и оти тоа е и позиција на неговата партија“.

„Во секој случај, ако нема реакција за ставовите на членот на СИРИЗА, на скопјаните им се нудат смешни аргументи, особено кога таквите неприфатливи позиции се официјално искажани од главната опозициска партија“, пишуваше во соопштението на Нова демократија.

KАКО ПСОМИЈАДИС ГИ ПОКРИВАШЕ СВОИТЕ „ГРЕВОВИ“

Псомијадис, кој е осуден на една година затвор и е разрешен од функцијата, тврдеше дека пресудата има политичка заднина. Тој обвини дека сакале да го замолчат поради Македонија.

Псомијадис додаде дека останува на своите црвени линии: „Македонија не се продава“. Тој е осуден поради тоа што во 2009 година нелегално ја намалил казната од 88 илјади евра на 5 илјади, која требало да ја плати бензиска пумпа поради измама.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top