Иако сите очекуваа договор, Комисијата за расчистување на настаните од 24-ти декември вчера вечер доживеа тежок неуспех.
Според извори на Република блиски до членовите на комисијата таа не успеала да затвори неколку од прашањата од кои дел биле суштиснки, а дел козметички. Притоа се тврди дека причина за тоа било што дел од опозициските претставници имале приоритет да ја прикажат владеачката партија за целосен кривец и постојано ја опструирале работата без да преземат одговорност иако се свесни дека неуспехот на комисијата ќе значи лош извештај за Македонија во ноември во Брисел и веројатно одземање на препораката за преговори.
Претседателот на Комисијата во оставка, Борче Давитковски, кој беше предложен од СДСМ, изјави дека договор неможе да се постигне по повеќе прашања, а не само за исфрлањето на новинарите од собраниската галерија како што пренесоа дел од медиумите кои постојано добиваа информации од претставниците на опозицијата за што според извори на Република биле вознемирени и меѓународни претставници во Скопје.
Со неуспехот на комисијата во игра остануваат едиствениствено изјавите на премиерот Груевски кој пред една недела од општина Ростуше – Маврово порача дека доколку СДСМ не успее да се оттргне од влијанието на Бранко Црвенковски и продолжи да ја опструира работата на комисијата ќе преземе нови мерки за да се расчистат отворените прашања. Нејасно е зошто СДСМ се обиде да ја блокира комисијата кога е јасно дека една од можните мерки се предвремени избори во кои според актуелните анкети СДСМ повторно ќе претрпи пораз. Единствен логичен одговор е влијанието на Црвенковски кој е единствениот кому му одговара ова сценарио за да прикаже дека СДСМ не може без него. Странски дипломати во Скопје не сакаат да ги коментираат овие информации но сугерираат да се направи анализа на членовите на комисијата од опозицијата и нивната блискост со екс лидерот на СДСМ кој зад себе има 30,000 потписи од членството кои може да ги активира во секој момент особено ако двоецот Заев – Шекеринска изгубат на првите, веќе се поизвесно предвремени избори. Оттука за дел од странците воопшто не е изненадување блокадата на комисијата.
Со ваков развој на настаните е јасно дека Македонија е исправена пред нов период во кој со оглед на тоа што сите договори што ги направија Груевски и Заев на последната средба веќе не важат.
Зошто опозицијата која практично со блокадата на донесувањето на буџетот и пресметката со полицијата пред собранието не успеа да искаже политичка одговорност и да дојде до компромис сега веќе и не е толку важно, но шокантно е тоа што опозицијата е подготвена поради сопствени партиски интереси и лични фрустрации да и ја одземе препораката за преговори на сопствената земја и своите граѓани. Новите мерки кои ги најави Груевски ќе ја одредат краткорочната македонска политичка иднина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.