| четврток, 6 декември 2018 |

Шпионски ѕвезди

adrapo-sparai-90x115

Колумнист:
Адрапо Спараи

Многу успешни шпиони останале анонимни поради специфичноста на нивната работа, а и поради таинствениот карактер на разузнавачките служби. Сепак, некои од нив биле извадени од под превезот на анонимноста, и тоа од различни причини. Некои биле откривани, па се воделе судски процеси против нив, а некои, пак, биле предмет на размена на спротивставените тајни служби. Не е мал бројот на оние што биле и одликувани како херои. Најмногу од нив работеле на тајни задачи во спротивниот табор, и тоа за време на најопасните периоди за шпионската дејност, а тоа се времињата на војна.

Една од најпознатите шпионски афери, афера која го мобилизираше целото јавно мнение во француската република уште пред Првата светска војна, беше аферата „Драјфус“. Тука француското воено разузнавање го денунцира и осуди офицерот Драјфус, кој, наводно, ги предал најделикатните информации за француската војска на странски тајни служби. Во текот на судскиот процес на виделина се појавија многу логички недоследности, па обвинението доби аура на подметнување и сомнителност. Ваквиот исход го привлече вниманието на познатиот француски реалистички писател со голема популарност во културните кругови Емил Зола, кој спроведе своја анализа за случајот, при што заклучи дека офицерот Драјфус е жртва на антисемитистичкиот прогон кој почнал во француското воено разузнавање под влијание на одредени високи воени и разузнавачки кругови. Инаку, Драјфус бил од еврејско потекло, но како подоцна се покажа, бил лојален офицер на француската војска. Заложбите на Зола почнаа со неговата новинска статија „Je Acuse“ (Обвинувам), во која тој се става себеси и својот авторитет зад честа на Драјфус, а неговите заложби го кренаа случајот до нивото на претседателот на републиката, под чија директива се спроведе темелна истрага која ги увери надлежните, но и францускиот народ, дека Драјфус е невин, а вистинскиот шпион бил полковникот со унгарско аристократско потекло, грофот Естерхази, кој работел во военото разузнавање на француската република и шпионирал за Прусите и за Австроунгарците. Драјфус е ослободен, а неговиот ранг бил апгрејдуван.

За време на Првата светска војна една заводлива танчарка на ориентални танци под има Мата Хари е обвинета и стрелана од страна на британската разузнавачка служба за дистрибуција на тајни информации на Германците. Наводно фаталната убавица Мата Хари ги заведувала високите британски офицери од кои ги крадела воените тајни и ги предавала на пруските агенти. Нејзиното шпионирање е драконски казнето, а оваа трагична судбина на заводливата девојка ги возбуди духовите на времето и создаде романтична аура која дојде и во Холивуд, каде што беше снимен филм за неа, а самиот лик на Мата Хари толкуван од најголемата холивудска звезда на времето Грета Гарбо. Инаку, во 2017 година треба да се отвори досието на Мата Хари од британската тајна служба, при што можеби и ќе се потврдат шпекулациите на одредени експерти кои тврделе дека кутрата танчарка била жртва на британската тајна служба за да се прикрие неспособноста на британските агенти кои многу лошо се носеле со способната и супериорна германска агентура. Останува да се види.

Во Првата светска војна се појавува уште една голема шпионска афера во британските редови, и тоа во најшпионскиот град од тоа време Истанбул. Аферата е наречена „Цицеро“. Всушност, британските разузнавачки служби забележале дека кон непријателот – „Централните сили“ протекуваат многу битни воени информации и по темелна истрага сфатиле дека местото од каде што дејствува кртот е токму британското дипломатско претставништво во Истанбул. Агентите на британското разузнавање му поставиле стапица на шпионот и по некое време тој се фатил. Всушност, „Цицеро“, шпионот кој го ловела британската служба, бил собарот и слугата од британското дипломатско претставништво – Диљо, Албанец вработен кај Британците кој успевал да го отвара тајниот сеф полн со разузнавачки информации и да им ги предава на германските агенти. Агентите на британскиот интелиџенс го ставиле Диљо во вреќа која ја заврзале со камења и го фрлиле во Босфор.

Тажна е судбината на фатените шпиони.

Во Втората светска војна посебно се истакнаа со смирените нерви и високата интелигенција советските разузнавачи. Нивните информации, кои ги краделе од „непријателот“, биле спектакуларни. Можеби и премногу спектакуларни за да добијат поддршка и доверба од генералисимусот Сталин, кој поради својот скептицизам загуби голема стратегиска предност во почетокот на инвазијата од страна на Хитлер врз СССР. Подоцна поучен од искуството, тој почна да им верува и, благодарејќи на информациите на советските шпиони меѓу другото, СССР извојува сјајна победа врз силите на Третиот Рајх. Овие луѓе се одликувани како херои на големата војна, а меѓу нив најпознатите имиња се Зорге и Абел.

По војната од перото на најпознатиот автор на шпионски романи Јан Флеминг се појавил Џејмс Бонд. Всушност, Јан Флеминг, кој работел во разузнавањето на британската морнарица за време на Втората светска војна, имал свој модел, а тоа бил Душко Попов, војвоѓанец во служба на кралицата. Душко Попов бил најспособниот британски агент инфилтриран во германската разузнавачка служба и бил еден значаен фактор на британската победа над Хитлеровите сили.

По војната, и откако се дигна железната завеса меѓу комунистичкиот исток и капиталистичкиот запад, бројот на агентите од двете страни се намножи до апсурдни бројки. Се шпекулира дека ЦИА располагала со еден милион разузнавачи, додека на страната на КГБ имало дури еден и пол милион. Во ова време станало традиција фатените агенти да се разменуваат, и тоа на еден премин од западен во источен Берлин наречен „Charlie check point“. Таму биле разменети стотици агенти од двете страни.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top