| четврток, 6 декември 2018 |

Крим Меркатор прв тест за дрим-тимот на Вардар

Поранешниот европски првак Крим Меркатор ќе биде првиот тест за дрим-тимот на ЖРК Вардар, а Лекиќ, Радичевиќ, Дембеле, Хмирова и останатите екстра засилувања на македонскиот првак ќе имаат можност за првпат да играат заедно на официјален меч во црвено-црниот дрес. Вардарки се учеснички на ракометната фиеста во Ѓер, а стартот на дуелот со Крим Меркатор е закажан за денеска од 17 часот.

„За нас ова е прв натпревар, а веројатно ќе биде и најтежок. Ракометарките имаат желба да играат и да покажат што знаат. Ова е прва можност да провериме до каде сме. Не е важно дали ќе победиме бидејќи резултатот на ваквите дуели не е во преден план. Имаме многу нови ракометарки и за нас е најзначајно да се воиграме“, е изјавата на Индира Кастратовиќ за клупскиот веб-сајт на Вардар. Утре нашиот шампион ќе игра против Мец, а потоа се натпреварите за пласман. Вардар се подготвува за квалификацискиот турнир во Салерно, каде што во септември ќе се бијат битки за пласман во Лигата на шампионите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top