| четврток, 6 декември 2018 |

Утре македонските кошаркари ќе играат против Шпанија

Сениорската репрезентација на Македонија рано утринава отпатува за Сантијаго, каде утре од 21.00 часот ќе го одигра првиот од двата пријателски натпревари против актуелниот европски шампион, Шпанија. До крајот на оваа седмица, сениорите ќе одиграат вкупно пет подготвителни натпревари за Евробаскетот во Словенија, објавено е на официјалниот сајт

kosarkari

По средбата со Литванија во Скопје, која беше единствена подготвителна на домашен терен, нашата репрезентација ја продолжува серијата подготвителни натпревари за ЕП 2013 година. Тимот на Алеш Пипан го очекува напорен и важен период од подготовките, во кој ќе одиграат пет подготвителни натпревари против исклучително силни противници, кои треба да ја натемпираат формата за почетокот на континенталниот шампионат на почетокот на септември.

Репрезентацијата доцна вечерва ќе пристигне во Сантијаго, а за утре (вторник) од 11.00 часот е предвиден единствениот тренинг пред натпреварот со Шпанија, кој ќе се игра во 21 часот. В среда нашиот тим ќе отпатува за Леон, каде што истиот ден ќе ја одигра и втората средба против домашната репрезентација, исто така закажана од 21 часот.

Густиот распоред од подготовките продолжува веднаш потоа во Германија, поточно во Минхен, каде што нашата репрезентација ќе учествува на турнир заедно со домашната селекција, Грција и Босна и Херцеговина. Турнирот ќе го отвориме в петок со натпреварот против Грција од 18 часот, потоа в сабота се среќаваме со Германија од 14.30 часот, а последниот меч против Босна и Херцеговина е закажан за недела од 17.00 часот. Во понеделник, на 26 август, репрезентативците ќе се вратат во Скопје, каде што ќе ги одработат последните тренинзи пред заминувањето на ЕП во Словенија на 2 септември.

Распоред на подготвителни натпревари:

20.08.2013, 21 часот – Сантијаго
Шпанија – Македонија

21.08.2013, 21 часот – Леон
Шпанија – Македонија

23.08.2013, 18 часот – Минхен
Македонија – Грција

24.08.2013, 14.30 часот – Минхен
Македонија – Германија

25.08.2013, 17.00 часот – Минхен
Македонија – Босна и Херцеговина

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top