| четврток, 6 декември 2018 |

Ментална хигиена

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

 

Ментална хигиена е кога навиваш за екологијата како наука за околината. Со судни маки таа се труди да му помогне на човештвото да зачува барем малку од својот здрав разум. А преку него минимум чист воздух и добра вода за пиење…

Ментална хигиена е кога екологијата ја перципираш како љубовна поезија во која загадувањето е неверната жена.

Менталната хигиена значи секој ден  одново да се мијат не само забите.

Ментална хигиена е кога се преиспитуваш повторно и повторно…

Ментална хигиена значи да го одржуваш својот „рисајкл бин“ (recycle bin) секогаш празен.

Ментална хигиена е кога ги прелистуваш сите дневни весници. И од сè што си прочитал точна е само  хороскопската прогноза.

Ментална хигиена е кога ѝ препушташ на твојата интуиција да те однесе на вистинското место точно навреме.

Ментална хигиена е кога се шегуваш на сопствена сметка со цел да го направиш развојот одржлив.

Ментална хигиена е дамарот во твојата вратна жила што со секое пулсирање нежно те потсетува на заборавеното индијанско правило што вели вака: „едноставно пратете јасно и чисто барање, и сè што ќе ви посака срцето, ќе дојде“…

Ментална хигиена е кога ги затвораш очите, ушите, носот и устата и му оставаш на внатрешниот звук на тишината да те вози во непознат правец.

Ментална  хигиена е неутрализација на отровите со туширање со вода, загреана со сончеви колектори.

Ментална хигиена  е дијагноза, прогноза и неочекувана средба со саканата личност наспроти биолошкиот часовник.

Ментална хигиена е кога ѓубрето се користи како добар изговор за почнување војна за  освојување нови депонии.

Ментална хигиена е кога во јапонски ресторан со закон е забрането во твојата чинија да се сретнат протеини и јаглени хидрати, а за мастите има фуснота со многу мали букви, се разбира, да не ги прочиташ!

Ментална хигиена е кога на зелен пазар бараш портокали со семка.

Зашто,  семката е доказ дека портокалите се од старата сорта пред појавата на генетски модификуваната храна.  А современите пазарџии не го почитуваат ретротрендот за здрава храна…

Ментална хигиена е кога се вљубуваш во продавачката во твојата локална продавница на печива. И секаков вид колачиња со афион, јаболко и вишни. Го откупуваш, затоа, целиот асортиман на производи за само една нејзина насмевка.

Ментална хигиена е кога во услови на студена војна твоите нозе мора да бидат топли.

Ментална хигиена е кога ги знаеш причините за своето сало.

Ментална хигиена е кога знаеш дека е важно како јадеш, а не што јадеш… Ако јадеш во разумни количества, тогаш можеш да јадеш с што  сакаш…

Ментална хигиена е кога ја вежбаш својата внатрешна насмевка до непрепознавање.

Ментална хигиена е кога успеваш да бидеш тоа што си и покрај хипнотизирачкиот звук на нишалото од спротивниот табор…

Ментална хигиена е кога грешките ги користиш за свое усовршување.

Ментална хигиена е кога љубовта влегува, а стравот излегува.

Ментална хигиена е ако му веруваш на Кастанеда кога вели: воинот мора да го сака светов што изгледа толку обично и секојдневно за светот да се отвори и да ги покаже своите чуда….

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top