Еманципацијата на жените во Македонија го зголемува бројот на разводи. Жените сѐ повеќе сакаат да се образуваат и да бркаат кариера – смета Душко Миновски, државен советник во Министерството за труд и социјална политика, образложувајќи зошто Владата ќе отвори 11 нови советувалишта за бесплатна стручна помош за семејство и брак.
тој смета дека зголемениот број на разводи е еден тренд не само во Македонија туку и пошироко во светот, а причина е што луѓето не се подготвени да се приспособат на новонастанатата фаза во брачното живеење.
-Во денешно време мора да констатираме дека општествено-економската состојба има свое влијание врз зголемениот број разводи, беспарицата и невработеноста, исто така, дополнително ги оптоваруваат луѓето. Најчесто луѓето немаат доволно трпение за да се разберат еден со друг. Еманципацијата на жените придонесува тие сѐ повеќе да размислуваат за кариера – сакаат да магистрираат, да докторираат, бркаат кариера. Комуникацијата е лоша, се нема трпение, се бега од проблемите, и тоа се таложи, додека не пукне – вели Миновски.
Тој за дневниот весник „Вест“ додава:
-Напливот на еманципација од западните земји влијае врз жените. Жените беа најдискриминирани суштества досега, но под напливот на еманципација од западните земји, сега ни се случува тие да се во трка за школа, кариера, па имаме пролонгирано стапувањето во брак. Попуштаат и оние стереотипи дека мора да се почитува доминантниот партнер, а тоа е мажот. Па ни се случува и за најмала кавга да доаѓа до развод. Затоа е добра одлуката на Владата да отвори нови советувалишта кои ќе бидат на доброволна основа, а не задолжителни за луѓето што имаат проблеми во бракот или во семејството.
По ваквите изјави реагираше Националниот совет за родова рамноправност (НСРР). Совитот ја повика Владата да преземе итни и неодложни мерки за поголема еманципација и едукација на мажите со цел да се намали бројот на разводи во земјата
Од НСРР ја искажуваат својата загриженост во врска со изјавата на Миновски и ја прифаќаат како „признание за организациите кои активно работат на унапредување на рамноправноста и еманципацијата на жените.“
-Сметаме дека советувалиштата за семејство и брак кои ќе ги отвори Владата, во својата програма, треба да посветат посебно внимание на еманципирање на мажите и следење на трендовите на еманципираните жени. Воедно, ги повикуваме и сите засегнати мажи, кои се половина од популацијата, да го изразат својот став во однос на изјавата на Миновски- велат оттму и додаваат дека продолжуваат да ја следат состојбата со родовата рамноправност и доколку има потреба да поднесуваат претставки до Комисијата за заштита од дискриминација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


