Данското крило Андреас Егерт е најдобар стрелец на Светското ракометно првенство во Шпанија. Тој во девет средби постигна 55 голови или нешто повеќе од 6 по натпревар и се здоби со престижниот статус пред Иван Чупиќ (Хрватска-50 голови), Тимур Дибиров (Русија-46), Серхеј Рутенка (Белорусија-46) и нашиот Кире Лазаров кој постигна 44 погодоци. Егерт имаше извонредна реализација од 85 насто, но листата не е најреална бидејќи тој и Чупиќ одиграа по три, а Дибиров еден меч повеќе од Рутенка и Лазаров. Според просекот нашиот капитен е втор стрелец со 7,33 гола на 60 минути, зад членот на Барселона кој заврши со 7,66 реализации по средба. За споредба на СП пред две години Микел Хансен имаше 68 гола, а пред четири во Хрватска Кире Лазаров постигна 92 гола што е неофицијален рекорд на шампионатите.
Светската ракометна федерација веднаш по финалето ги верификуваше и најдобрите индивидуалци на штотуку завршениот машки шампионат во Шпанија. Иако не блескаше Микел Хансен ја доби довербата на стручната комисија на ИХФ и е избран за МВП, најкорисен ракометар, а во идеалните седум на првенството се: голманот Ландин (Данска), крилата Дибиров (Русија) и Линдберг (Данска), кружниот напаѓач Агинагалде (Шпанија) и бековите: Ентрериос (Шпанија) Дувњак (Хрватска) и Наѓи (Унгарија).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


