Најдобриот светски тенисер во моментов, Србинот Новак Ѓоковиќ, им се извини на своите најголеми ривали, Роже Федерер и Рафаел Надал, за коментарите на својот татко Срѓан во кои тој ги навредува двајцата исклучителни тенисери.
„Жал ми е што зборовите на татко ми предизвикаа толку голем број коментари и најверојатно ги повредија моите колеги со кои имам добар и чесен однос. Но, јас не можам да биде одговорен за постапките на кој било од моето семејство. Секој има право на свое мислење, па така и мојот татко. Јас многу го сакам и почитувам, но со ништо не сум придонел тој да има такво мислење за Федерер и за Надал“, изјави популарниот Ноле.
Таткото на првиот светски рекет пред извесно време отворено ги нападна некогашните најдобри светски тенисери за нивниот однос кон неговиот син.
„Федерер го нападна Новак за време на нивниот дуел од Дејвис-купот во Женева во 2006 година бидејќи уште тогаш сфати дека тој ќе биде неговиот наследник. Сакаше да го дискредитира на секаков начин бидејќи не можеше да се помири со успесите што мојот син ги нижеше. Надал, пак, беше добар пријател на Новак, ама сѐ додека редовно го победуваше. Но, чим работите малку се сменија, тој престана да комуницира на ист начин. Тоа не е спорт“, изјавил Срѓан Ѓоковиќ за српски „Курир“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.