
Колумнист:
Адрапо Спараи
Отсекогаш во историјата, уште од најдревни времиња, најдраконските казни биле наменети за шпијуните. Овој феномен на сурово казнување има свои длабоки причини и, доколку спроведеме една доследна анализа, ќе видиме дека гневот што ошетената страна го има како мотив за овој жесток реванш има своја внатрешна оправданост.
Како прво тука е повредата на довербата, што предавството на шпијунот флагрантно ја крши и со тоа предизвикува огромен квантум на изневерување и гнев. Потоа, ефектот од шпијунската активност, што понекогаш може да предизвика штети поголеми од напад на енормни воени сили. “Кој ги има вистинските информации, тој ја поседува моќта”, говори едно старо правило во воената вештина. Затоа, шпијуните така страшно се накажуваат, за да нивното страдание кога се раскринкани биде ужасна опомена за сите оние што наумиле од било која причина да се зафатат со оваа активност.
Инаку мотивацијата за шпијунирање или за влегување во мрежата на шпијунажата, се најразлични. Најчесто се работи за тајна и суптилна уцена, но има многу шпијуни што се фатиле за оваа работа поради одмазда, а не е мал бројот на оние кои тоа го правеле и го прават поради материјална корист. Овие последниве најлесно и најбрзо се разоткриваат, а казната што следи е подеднакво сурова како и за оние фанатизираните шпијуни, и оние кои мислат дека со своите активности и помагаат на каузата во која веруваат.
Но се едозволено додека не ве фатат. Тогаш доаѓаат на ред консеквенците.
Шпијунирањето инаку има огромна традиција. Уште од времињата на стариот век се регистрирани одредени шпијунски активности и се опишани страшните казни кои следеле по откривањето на предавникот. Има многу такви случаи уште од бронзеното време, во Илијадата и Одисејата гледаме шпијунски тенденции во одредени сегменти од овие епски ремек дела што раскажуваат за моќта, војната и итроста. Токму итроста што може да супституира огромна сила со својата прецизна суптилност е стратегијата на шпијунажата. Сетете се само на итриот Бригиец Одисеј од Итака и на неговата итрост, токму тоа е херојот што го предложи проектот на Тројанскиот коњ и фиктивното повлекување на Ахајската војска од плажите на Тројанскиот залив.
Не попусто во англосаксонската номенклатура, шпијунските активности се нарекуваат “intelligence” – што веднаш упатуваат на менталните и виртуелните сили со кои е надарен човекот.
Во историско време, времето кога митовите се заменети со историски сведоштва, шпијунажата има свој дел и, станува легитимен сегмент од прикажувањата за настаните што се случувале за времето на воените кампањи на одредени владетели и кралства. Од елинските градови држави, па преку македонската империја и моќниот Рим, прикаските за предавствата и шпијунирањето се неизоставен дел од секоја пообемна историја.
Оваа активност – шпијунирањето во себе си инкорпорира најневеројатни дејствија, но едно од најексплотираните е токму клеветењето. Сетете се само како беа наклеветени светите браќа Кирил и Методиј кај Папата, но и сите клевети кои им беа подметнувани кај разните владетели кои ги беа повикале во нивните кралства за да ја шират писменоста и Христовата вера.
Клеветењето кое го среќаваме и ден денес, а кое има за цел да создаде одвратна слика за омразениот и непријателски акцептираниот објект, треба да искреира невистинита или хипертрофирана негативна претстава за жртвата на клеветниците, со тенденција оклеветениот да биде елиминиран од сцената поради неговата грешност и непринципиелност од страна на моќните инстанци што ја поседуваат власта. Сетете се само на клеветите кои беа упатувани кон најголемиот научник на ренесансата Галилео Галилеј или кон Џордано Бруно кој гореше на клада токму од овие причини.
Всушност активностите на инквизицијата кои се темелеа главно на клеветништво, однесоа во најгроморозна смрт милиони луѓе без било каква криминална вина зад себе.
Како времињата се модернизираа, а технологијата се усовршуваше, така и шпијунирањето доби свои нови и уште пософистицирани модалитети. Од гулаби писмоношци и тајни јавачи во ноќта, до сателити и прислушни уреди кои според вибрацијата на стаклата на прозорците го артикулираат значењето на изговорените содржини.
Денес тајните служби можат да навлезат практично насекаде. Мобилната телефонија и интернетот им овозможуваат да слушнат скоро се, а потоа врз база на слушнатото и селектираното на битното од небитното, да ги градат своите стратегии на моќта.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


