Со цел подобрување на законите за медиуми, што се во собраниска процедура, Владата доставила повеќе амандмани до македонското Собрание, информира денеска министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.
Амандманите, како што рече Ивановски на прес-конференција, произлегоа од двете јавни расправи што неодамна се одржаа во парламентот за предлог-законот за медиуми и за предлог-законот за аудио и аудивизуелни медиуми, како и од забелешките што до предлагачот на законите ги доставија претставници, пред сѐ, на Советот на Европа и на ОБСЕ.
Утре, во хотелот „Холидеј ин“ со почеток во 10 часот, ќе се одржи уште една јавна расправа по овие предлог-текстови, на која ќе присуствуваат претставници на Советот на Европа, на ОБСЕ и на TAIEX.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Ивановски рече дека очекува квалитетна дебата и оти на тоа нема да влијае што амандманите се објавени само 24 часа пред почетокот на расправата и фактот што сѐ уште траат годишните одмори.
Ивановски вели дека токму од утрешната дебата очекува да произлезат и размислувања коишто би довеле евентуално до нови амандмани кои би биле доставени до Собранието пред законите во втора фаза да бидат разгледувани од страна на собраниските тела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



