Отворање 11 регионални советувалишта за семејство и брак кои ќе пружаат бесплатна стручна и професионална помош за семејства со проблеми во функционирањето, семејства во услови на социјален ризик, но и за сите аспекти од семејниот живот, предвидува новата владина одлука.
Како што соопшти на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, целта на проектот е подобрување на функционирањето на семејството и промоција на семејните вредности. Реформата следи по компаративната анализа од искуствата во оваа област од развиените земји како САД, Канада, западноевропските држави, а во услови на мало зголемување на процентот на разводи со очекување дека ќе се обезбеди поголем опстанок на брачните заедници.
– Со оваа реформа се предвидува формирање 11 регионални советувалишта за семејство и брак и тоа во Скопје, Велес, Куманово, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Струмица и Свети Николе и секој од овие центри би ги опфаќал и жителите на помалите населени места кои гравитираат кон нив – рече Ѓорѓиев.
Барањето услуги во овие регионални центри, во кои ќе работат најстручните лица од центрите за социјални работи, би биле по желба на лицата, а не облигаторно.
Носител на целокупната активност е Министерството за труд и социјална политика кое преку Заводот за социјални дејности во следниот период ќе ја изработи посебната програма за работа на овие регионални советувалишта, а нивното отворање ќе се одвива етапно почнувајќи од месец септември. За контонуирано подобрување на степенот на професионална услуга и стручност за лицата кои работат во овие советувалишта ќе се спроведат серија обуки по најсовремени стандарди. Ќе се допрецизира и подобри и регулативата која ќе обезбеди полна дискреција на лицата кои барат професионална услуга.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



