| четврток, 6 декември 2018 |

Владата обезбедува бесплатни курсеви за компјутери

krazba kompjuteri

Владата ќе обезбеди бесплатни обуки за сите граѓани за основни познавања од информатичката технологија (ИТ), работа со компјутери и интернет, како и бесплатни обуки за невработените за два понапредни програмски пакети, графички дизајнери и јава веб дивелопери, информираше денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Според Ѓорѓиев, целта на двата проекта е да се зголеми информатичката писменост на граѓаните во земјава како чекор повеќе кон подобрување на нивната конкурентност и полесно наоѓање работа или отворање сопствен бизнис.

Конкурсот за основни ИТ познавања опфаќа два модула, канцелариско работење и користење интернет (веб пребарувач, електронска пошта, скајп, форум и блог). Модулите ќе се спроведуваат во четири одделни сесии, четири недели.

– Секоја сесија ќе трае еден час и триесет минути, а обуката ќе се одвива во бесплатните интернет клубови во 22 града, Скопје, Битола, Тетово, Охрид, Прилеп, Гостивар, Кичево, Неготино, Куманово, Кочани, Кавадарци, Штип, Свети Николе, Дебар, Радовиш, Гевгелија, Крушево, Македонски Брод, Демир Капија, Крива Паланка, Кратово и Ресен, истакна Ѓорѓиев.

Во градовите во кои најмалку 20 отсто од граѓаните се од националност што е немнозинска, обуката, освен на македонски, ќе се спроведува и на јазикот на националноста.

Вториот повик кој се однесува на невработените е во рамки на Оперативниот план за активни мерки за вработување.

– Агенцијата за вработување овој месец ќе почне постапка за обезбедување провајдери кои ќе ја вршат обуката, а потоа, во првата половина на септември, ќе биде распишан јавен повик за невработените кои сакаат да ги посетуваат обуките, информира владиниот портпарол.

Право на учество имаат сите невработени лица евидентирани во Агенцијата, но ќе се прави проверка дали некое од нив останало без работа во последните три месеци. Предност ќе имаат невработените со понапредни познавања од областа на информатичката технологија. Времетраењето на обуката ќе биде до четири месеци, а ќе ја спроведуваат стручни предавачи. Добиениот сертификат на невработените ќе им го олесни учеството на пазарот на труд.

– Апелираме граѓаните во што поголем број да ги искористат овие можности што ги нуди државата и на тој начин да дадат значаен придонес во подобрувањето на сопствените вештини, знаења и способности, потенцира владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top