| четврток, 6 декември 2018 |

НСДП бара референдум за дрвјата

НСДП реагираше на уништувањето на зеленилото во општина Центар. Од партијата сметаат дека тоа е направено спротивно на волјата на граѓаните, па побараа жителите на оваа општина на референдум да се изјаснат дали го сакаат новиот објект на СРД.

„Со оглед на тоа што зеленилото се уништува за да се изгради државен објект, Нова социјалдемократска партија – НСДП ја повикува Владата да го одложи извршувањето на проектот, а со тоа на Општина Центар да ѝ се остави време да организира референдум на кој граѓаните на Центар јасно ќе ја изразат својата волја и ќе го направат својот избор на еден демократски начин”, се вели во соопштението на НСДП.

Според нив, референдумот е најдемократскиот начин граѓаните да се изјаснат дали сакаат зеленило или барокни згради во нивното место на живеење.

Од ВМРО-ДПМНЕ во овој повик видоа лицемерство на претседателот на оваа партија, Тито Петковски, кој се спротивставил на референдум да се изјаснат граѓаните за прашањето за името.

„Тито Петковски треба да ѝ објасни на јавноста како пет дрвја во општина Центар пред станот на неговиот соработник Горан Мисовски се поважни од името на државата, за во едниот случај да повикува на референдум, а во другиот случај да се противи“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top