| четврток, 6 декември 2018 |

Шпионските бубачки на Петар Пан

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

 

Стравот дека ќе бидеме изневерени или дека нешто ќе загубиме, е заснован на потребата да бидеме сакани. Оваа ненаситна потреба од љубов во една насока е нормална диспозиција на човековото его (исто и стравот, кој се учи), во фазата на неговото детство, но исто толку е ненормално кога таа се задржува и во фазата на неговите поодминати години. Начинот за надминување на себичноста (како детстка болест) е воспитувањето (хранењето) со љубов, и тоа е тајната на секој добар воспитувач, без разлика дали станува збор за родител, учител, дадилка, лидер… Единствено љубовта ја има моќта да го смирува и совладува стравот којшто кај детето, и оние што не расчистиле со синдромот на петар пан, (возрасните коишто не успеале да пораснат, нели,) се артикулира како агресија или деструкција, а всушност однатре е очајнички крик за самозаштита. Оваа психологија функционира и во политичките игри што не ретко ги водат „деца“ коишто не биле доволно сакани.

Стравот од непознатото се крие зад недовербата во другиот, а зад оваа недоверба стои немањето самодоверба. Другиот со кој не можам (или не сакам) да се идентификувам, претставува опасност и притаена закана. Американецот за Русинот, Кинезот за Американецот, Јапонецот, Германецот, Британецот и Французинот и така натаму до бескрај. Во име на сопствениот недостаток на самодоверба човек е спремен да ја прислушува сопствената сопруга (што прави кога е сама), сопственото дете (да не се дрогира), сопствениот пријател (да не го изневерува со друг пријател). Така настанале скриените камери, прислушните апарати, и секаков друг асортиман на шпионски бубачки.

И додека другите спијат, тајните служби непрекинато работат. Тие се нешто како потсвест. Може да бидат мрачни, но не мора, зависно од тоа на кој нагон му служат. Колку нагонот е поживотински и позаплеткан во лавиринтските ходници на подрумот, толку е потешко да се открие нарачателот на ударот, превратот, смената на власта, атентатот. Тајните служби можеби не умеат да организираат концерти, театарски претстави, фестивали, или убави градби. Но еден обичен протест кој ќе ги има сите обележја на спонтанитет, во секое време…

Најпознатите тајни служби на нашето време, секако се ЦИА и КГБ, ОЗНА, но вреди да се споменат и ФБИ, МОСАД, МИ6 и др.

Всушност, вистинските војни се одвиваат токму на ова ниво, каде што природниот мрак дозволува удвојување, триплирање, и мултиплицирање на „идентитетот“ во зависност од потребите на нарачката, како и од обученоста на матичните полиции да препознаваат фалсификувани пасоши, со оглед на човековата вродена неспособност да го распознава лажниот идентитет во пракса, т.е. кога е директно изложена на манипулација или лажење од страна на играчите –шпиони или играчите – демагози (во смисла на некаква идеологизација на платформата, без оглед каква). Кога овие суб-војни ќе излезат на виделина на денот, обично веќе е доцна да се направи некаков избор, најчесто во сетот на идеи според кои се уредува општеството. Така во недоглед се отежнува хомогенизацијата на одредена НАЦИЈА.

Но кој, по ѓаволите би имал нерви да се занимава со такви навидум бесмислени субверзии? Системот.

Системот на државата е всушност обичен канализатор на огромното количество енергија коешто може да тлее, да чмае, но може и да биде активно, да буи: доколку системот е опресивен, енергијата ќе се потиснува, а доколку е консктруктивен и поттикнувачки, позитивен, ќе ја насочува енергијата во насока на креативност. Дали во праксата постојат вакви црно бели модели или реалноста е нијансирање, сецкање и блендирање на истите, односно токму она што никој не би го очекувал, е друга тема. Слично на мешаните бракови.

Некогашниот прв разузнавач на Америка, Вилијам Кејси, вели дека шпионажата е толку сериозна и важна работа, што не треба да им се остави на шпионите. Тајната дипломатија, тајната политика и разузнавачките дејности од секогаш биле од големо значење за клучните државни работи. Ова доаѓа до израз особено во тешки времиња, кризи или војни. Британското дешифрирање на германските кодирани пораки ја има спасено не само Велика Британија, туку и Европа од канџите на нацизмот. Секако, имало и ситуации кога власта не им верувала на шпионите, како што бил случајот во Русија, кога Сталиновата доверба во Хитлер била наплатена со дваесет милиони жртви.

Светските вооружени судири ја подигнаа шпионажата на ниво на тајни воени министерства. Врвните тајни агенти морале да имаат високи политички и интелектуални способности. Многумина од нив успеале за кратко време да го поминат скалилото до самиот врв на државната пирамида: Сталин својата диктаторска кариера ја започнал како таен агент, а Јуриј Андропов како претседател на КГБ. Некогашниот руски премиер Евгениј Примаков бил директор на надворешното биро за разузнавање на Русија, а Путин бил полковник во КГБ. Израелскиот премиер Исак Самир бил функционер во Мосад, исто како и претседателот Хелм Херцог.  Пред да влезе во тркалезната соба на белата куќа, Џорџ Буш ја водел Циа и истовремено бил директор на целата разузнавачка заедница на Обединетите Американски Држави. Во ова друштво спаѓа и Јосип Броз кој бил агент на Коминтерната. Има само една мала разлика во однос на сопственоста: имено, во комунизмот агентурите се заедничко добро, додека капитализмот ја овозможува нивната приватизација, па дури и популаризација како што тоа се прави со филмовите за еден Бонд, Џемс Бонд…

По перестројката на социјалистичките држави, и по падот на социјализмот и обединувањето на двете Германии, тивката војна помеѓу вечно спротивставените исток и запад не престанува да се води. Во светот забрзано се крчка манџата на Новиот Светски Поредок со сите пропратни ефекти од типот на тероризам, разни видови политичко насилство, сè посилна мафија и сл.

Во едно такво време на глобална економска криза, кој може да си го дозволи луксузот да биде опозиција? Се разбира, само позицијата! Добрата власт секогаш си ги знае сопствените слабости, недостатоци и болни точки, и не се плаши од сопствената сенка. „Никој не е совршен“, во стилот на завршната реплика што ја изговори Тони Кертис во сега веќе култниот филм „Некои тоа го сакаат жешко“.

Тогаш, што е разликата помеѓу позиција и о-позиција? Само едно „о“? Да беше а, ќе беше опасно, бидејќи кога „а“ стои пред некоја именка, ѝ го убива значењето, ја прави да не биде тоа што е. Или да биде тоа што не е. Како алергија, како атом, како аналгин. Атомот е најситното „нешто“ кое понатаму не може да се дели, еден вид the end.

Најнакрај, што е поскапо? Да си на власт или во сенка? Ако е жешко, подобро е во сенка.

Знаете ли зошто Власите немаат своја држава? Вака им е поевтино…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top