| четврток, 6 декември 2018 |

Катастрофи

adrapo-sparai-90x115

Колумнист:
Адрапо Спараи

Во апокалиптичките предвидувања многу пророци, видовити луѓе и разни гаталци ги искажуваат своите визии и пророштва кои говорат за големи катастрофи и катаклизми што ќе зачестуваат се повеќе и повеќе како доаѓа судниот ден. И навистина доколку се видат статистиките што ги водат експертите за разните природни катастрофи, ќе забележите дека нивниот број од година во година се повеќе зачестува. Ова како да се поклопува со предвидувањата на овие гаталци кои во очите на научниците се најобични шарлатани, сепак нивните увиди се во синхрониски однос. Како и да е, професионалната суета е често пати појака и од самите факти, или од самата идентичност на согледувањата.

Во секој случај денес живееме во време на супериорна доминација на саинтифичката идеологија, иако сите тие експерти и искусни научници не можат да предвидат ништо во однос на катастрофите што наидуваат, нити пак можат да спречат некоја. Еве на пример во многу земји со напредна наука и со многу експерти, како во Јапонија, никој не можеше да предупреди на катастрофата што се случи во Фокушима. Всушност се работеше за катастрофален земјотрес кој предизвика силно цунами. Сето ова предизвика ужасна хаварија во локалната нуклеарна централа, а последиците од оваа катастрофа сеуште се несогледливи.

Инаку во Јапонија, земја која се наоѓа во зона на чести земјотреси, традиционален метод на предвидување на овие ужасни природни катастрофи, се аквариумските риби кои ги претчуствуваат опасните активности на тектонските маси со часови нанапред. Така јапонските граѓани, ако ништо повеќе, гледајќи ги вознемирените риби, ќе си го спасат барем животот а и највредните делови од имотот.

Во некои други култури каде има јаки сеизмички активности, луѓето ги набљудуваат глувците и стаорците, некаде змиите и другите рептили, а во некои области и самите домашни миленици  – кучиња, мачки, птици итн, знаат да алармираат на надоаѓачката катастрофа со своето невообичаено однесување и паника.

Се е запишано во природата, иако добро се опсервираат разните промени што се случуваат во неа, луѓето благовремено ќе бидат предупредени и, ќе бидат во состојба да превземат соодветни акции за спасување на најбитното.

Деновиве и ние скопјаните се присетуваме на катастрофалниот земјотрес што го погоди нашиот град пред 50 години, кој однесе многу животи и направи огромни штети. Многу наши сограѓани во оваа страотна несреќа ги изгубија своите најмили, а уште повеќе од нив останаа без своите домови. Ваквата ситуација ретко се случува, но кога ќе се случи, тие несреќници што се нашле затечени во овие состојби како да пропаднале во самиот пекол.

Ужасни се овие искуства, сведочат преживеаните наши сограѓани. Како да се отвори утробата на земјата за да не проголта сите. Во моментите на големата катастрофа, тоа утро на 26 Јули 1963, еден британски пилот, кој во воено-разузнавачка мисија ја надлетувал СФРЈ, забележал огромен облак од прашина над градот Скопје. Тој веднаш и рапортирал на централата во Лондон, известувајќи дека на Скопје најверојатно паднала атомска бомба испалена од страна на СССР. Земајќи ги впредвид условите на глобалната геополитичка сцена и студената војна која беше во тек помеѓу комунистичкиот исток и капиталистичкиот запад, овој рапорт е сосема очекуван и логичен. Сепак се работеше за природна катастрофа, за земјотрес со разурнувачка магнитуда и со огромен број жртви, што го возбуди целиот свет. И во големото сочуство што се случи на планетава по повод оваа скопска трагедија, многу земји испратија помош во разурнатиот град.

Така Скопје стана град на светската солидарност. Интересен е фактот што тука, во Скопје, поточно на скопскиот аеродром, првпат по дигањето на берлинскиот ѕид и објавувањето на студената војна, се сретнаа американски и руски воени делегации и пријателски се ракуваа, работејќи подоцна за иста цел, да им помогнат на граѓаните на Скопје. Тие внесоа меѓусебна доверба и му ја нанесоа првата пукнатинка на идеолошко-политичкиот ѕид што ги раздвојуваше многу години пред неговото дефинитивно рушење.

Теоријата на синхроницитетот вели : “кога на Тајланд една пеперутка ќе замавне со своите крилја, во мексичкиот залив се случува цунами”. Можеби и ова ракување на советските и американските офицери во разурнатото Скопје беше тоа замавнување на крилцата на пеперутката.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top