Искуството на Бранко Црвенковски е од голема важност за СДСМ, смета претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Тој во интервју за „Утрински весник“ истакна дека во иднина ќе го консултира неговиот претходник за многу работи.
На прашањето за исчезнувањето од политичката сцена на Црвенковски и дали го нема и во СДСМ или, пак, струмичкиот градоначалник комуницира со стариот лидер за проблемите со кои се соочува партијата и државата, Заев одговара:
– Бранко Црвенковски има богато политичко искуство кое може да му помогне на секој политичар. Досега сме имале три средби. Го посетив за да видам каде се канцелариите на поранешниот претседател на државата, немав одено порано. Немам комплекси како некој ќе го толкува тоа. Ако мислам дека треба да послушам одредена сугестија од Црвенковски, ќе послушам. Тој дури е и премногу внимателен, не сакајќи да остави впечаток дека нешто прави од заднина. Кога сакав да го консултирам за одредени измени на Статутот на СДСМ, тој одби, не сакајќи тоа да се толкува дека се меша во процесот. Во иднина ќе го консултирам за многу работи, неговото искуство е од голема важност за СДСМ, но конечните одлуки ќе ги носат органите и телата на партијата впрочем како и досега.
Заев вели дека СДСМ нема да дозволи избори без измена на Изборниот законик. Вели дека власта ги претворила изборите во математика и користи методи преку кои на недемократски начин ја освојува власта.
– Препораките од ОБСЕ и од ОДИХР за измена на Изборниот законик се услов без кој нема ни да разговараме за учество на следните избори. Нема да дозволиме да има такви избори. Ние сме најголема опозициска партија и имаме одговорност кон граѓаните, единствено ние, опозицијата, сме тие кои тоа мораме да го спречиме. Постојат инструменти како да го спречиме тоа – вели Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.