| четврток, 6 декември 2018 |

Шпанија и Британија ги затегнаа односите поради Гибралтар

gibraltarШпанскиот министер за надворешни работи Жозе Мануел Гарсиа Маргало се закани со реципрочни мерки откако Гибралтар почна да потопува бетонски блокови во морето за да направи вештачки залив.

Заливот би требало да привлече разновиден морски свет, но истовремено ќе ги спречи шпанските рибарски бродови да рибарат во водите кои се во владение на Гибралтар, оспорувано од Шпанија.

Ваквиот потег предизвика негодување кај шпанската влада најавувајќи радикални противмерки.

Шефот на шпанската дипломатија најави дека владата размислува да воведе мерки кои ќе предизвикаат значајни проблеми на Гибралтар и на илјадниците луѓе кои секојдневно ја минуваат границата. Меѓу мерките кои се разгледуваат е и данок од 50 евра на автомобилите кои влегуваат и излегуваат од оваа земја, како и зголемување на данокот за граѓаните на Гибралтар кои се во Шпанија.

Официјалните лица на Гибралтар, пак, тврдат дека Шпанија го користи граничниот премин за да ја казни, па така во изминатите десетина дена за преминување на границата се чека и до шест часа. Поради долгите колони на граничните премини, британскиот Форин офис упати протест до шпанскиот амбасадор во Лондон.

Шпанија го отстапила Гибралтар на Британија со договорот од Утрехт во 1713 година. Мадрид повеќе пати барал преговори со Лондон за враќање на територијата, но од спротивната страна истакнуваат дека не сакаат да преговараат без поддршка на жителите на Гибралтар. На неколку референдуми жителите на овој полустров се изјаснуваат дека сакаат да бидат под британска надлежност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top