Премиерот Груевски по меѓувладиниот македонско- бугарски состанок во Ќустендил посочи дека двете земји и двата народи се предодредени да соработуваат и на економски и на политички план. Договорено е при размената на земјоделските производи, извозниците да поминуваат само низ една фито санитарна контрола за да се олесни протокот на земјоделскиот труд. Не е пропуштена ниту железничката пруга која доколку се остварат желбите стари две децении ќе ја спои пругата меѓу Софија и Скопје. Груевски очекува зголемување на економската размена и соработка.
– Го истакнавме значењето на натамошното зајакнување на регионалната соработка. беше констатирано дека постои поголем простор за соработка во економијата. Од интерес на Македонија и Бугарија е воспоставување на покоординирана соработка – рече Груевски.
Бугарските медиуми ја пренесоа изјавата на премиерот Пламен Орешарски дека Бугарија го поддржува членството на Република Македонија во НАТО и во Европската унија.
-Имавме еден искрен разговор во четири очи со премиерот Груевски. Би сакал да истакнам дека Бугарија го поддржува членството на Македонија во НАТО, како и во Европската унија, како и на сите земји од Западен Балкан, рече бугарскиот премиер.
Премиерот Орешарски, исто така, смета дека е добро да организираме заеднички прослави на одделни историски настани и личности, кои се толкуваат на различен начин и во двете земји.
-Сметаме дека назначените разлики во политички и надворешнополитички план не треба да бидат никаква пречка за развојот на билатералните односи во економски и трговски план и во планот за подобра конекција на инфраструктурата. Сметаме дека тоа е важно за подобри врски помеѓу луѓето кои живеат во двете земји, додава Орешарски.
Тој додава дека се држи до договорот за добрососедство и соработка и се надева дека на него ќе се работи забрзано, пренесе бугарски Блиц.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


