
Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)
Полека, но сигурно, овој свет, ваков каков што е, се сели во сферата на виртуелноста: луѓето го живеат својот живот во зависност од резолуцијата на екранот на својот персонален сметач – наместо пет сетила, денес има само едно, и се вика модем кој обезбедува интернет пристап. За истиот тој виртуелен свет се чини дека веќе не важат црвените линии. Црвени телефони ниту копчиња.
Така е и со современите војни – и тие во голема мера се виртуелни. Во нив победува попаметниот, и тоа не секогаш значи дека попушта. Како што видовме во тековните разузнавачки ем контраразузнавачки мегаафери, победува тој што ќе успее да ги дешифрира тајните лозинки на „противникот“.
Корисноста од информацијата особено јасно е видлива во секојдневниот живот на населението на планетава, кога тоа се држи во една заложничка драма каде што тензијата се пумпа, т.е. испумпува со помош на наречената стратегија на нуклеарно заплашување, која значи вечно натегање меѓу најголемите светски сили, а пак, во поодделни региони пресликана во помали судири, најчесто меѓу земји или држави коишто се граничат (но и не мора) меѓу себе и секогаш наоѓаат мноштво причини за кавга.
Ние мислиме дека со нашиов спор сме уникатни (и сме, додуша, на некој начин), но, изучувајќи ја светската историја, малку по малку сè полесно е воочливо дека станува збор за една ендемска „болест“ од глобални размери, која ги пројавува своите акутни воспаленија на разни точки на ткивото на човечката раса. Ако во 1835 г. бројот на населението на планетата бил околу една милијарда, денес тоа изнесува 6 или 7 пати повеќе, но тоа истовремено значи дека и војните или природните катастрофи кои се случуваат, исто така, имаат повисок процент на жртви.
Дипломатија. Или што би рекол Жан Пол Сартр „Зад затворена врата“. Водењето војна без пролевање крв е најголемата придобивка на сите министерства за надворешни работи на светов. Превентивно дејствување дури и таму каде што сите врати се затворени.
Улогата на масовните медиуми во тој контекст е повеќеслојна: освен што може да наметнува одредено мислење или да насочува во дадена насока, може да труе или да си поигрува, но тоа сè уште е најмалиот проблем. Медиумите се најмоќни кога се користат како алатка – замаец. Моторот на првите измислени автомобили се покренувале со ваков замаец, и тоа е одличен начин на ставање во погон. Симболиката на замаецот во контекст на медиумите е дека тие ја имаат моќта да го предизвикаат ефектот на стара дама којашто е на фризер, додека републиката е во пламен… Британската дипломатија со пиетет ќе додаде: Боже, чувај ја кралицата, секако не во онаа иронична смисла со која истата формула ја преточи во легендарен хит со наслов идентичен на химната на Обединетото Кралство: Џони Ротен, чијшто сингл објавен на 27 мај 1977 од јавноста беше критикуван како напад врз кралицата Елизабета Втора и монархијата. Меѓутоа, Ротен на нападите одговарал дека не ги напишал стиховите затоа што ја мрази англиската раса, или дека со песната сакал да ја шокира јавноста, напротив… Сепак, песната завршува со стиховите „there is no future in England’s dreaming“.
Војната, сакале ние да го прифатиме тоа или не, претставува „судир меѓу нашите страсти и она што се нарекува подобар дел од нашата природа, меѓу длабокиот древен влечугин дел од мозокот, Р-комплексот, од каде што потекнува убиствениот бес и помладите цицачки или човечки делови од мозокот, лимбичкиот систем и мозочната кора (К. Саган, Космос).
Кога луѓето живееле во помали групи од денешниве, не им било потребно оружје. Во тоа не толку дамнешно време боречката вештина била сфаќана како уметност и повеќе се користела за потребите на самоодбраната, а речиси никогаш како напад. Друго прашање е дали оваа теорија може да одговори на прашањето – ако овие ја користеле вештината за самоодбрана, тогаш кој бил напаѓачот? Или напаѓачите не практикувале уметност кога напаѓале? Како и да е, после овие романтични и прилично опскурни времиња на витези и свети воини, настапила ерата на барутот.
Со усовршувањето на технологијата (и зголемената популација) и средствата за водење војна го менувале обликот. Контрадикција ли, што ли, но и луѓето паралелно сосе поусовршеното војување (!), учеле на гневот, на попреченоста и очајот да им се спротивставуваат СО РАЗУМ. Ако му веруваме на еволуционизмот, добар дел од она што се нарекува нерационално однесување на политичките елити во трката за моќ и превласт, води потекло од оној дел во човечкиот мозок што има заедничка природа со животните. Она што се нарекува СТРАТЕГИЈА НА НУКЛЕАРНО ЗАПЛАШУВАЊЕ, всушност, се темели на типично животинско однесување, коешто го носиме како подзаскриено наследство во нашите гени.
Хенри Кисинџер вели: „Заплашувањето, пред сè, зависи од психолошките критериуми. За потребите на заплашувањето еден блеф, прифатен сериозно, е покорисен од сериозната закана, но протолкувана како блеф“.
Тогаш потенцијалниот непријател доаѓа во искушение попрво да попушти во спорот отколку да ризикува глобален судир кој поради ореолот на ирационалноста изгледа веројатен.
Но, по некое време се навикнувате и работата престанува да биде преправање.
Ѕвони?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


