
Колумнист:
Адрапо Спараи
Светот во кој ентропијата станува сѐ поизразена и посилна поради сѐ поголемиот антрополошки, политички и културен динамизам и поради сѐ поевидентниот конфликт на интереси на големите и на малите играчи на геостратегиската сцена, е зафатен со феноменот на таканаречената „специјална војна“. Оваа војна со сите свои суптилности и деликатност се води на сите можни фронтови, пред сѐ на тие најскриените или, практично, невидливите, а главните протагонисти на оваа дијаболична игра се токму тајните служби.
Главната цел на специјалната војна е да се декласира и депримира непријателот. Во овој контекст, агресорски ориентираната агентура има за цел да продре во менталната нерватура на непријателската страна и тука да го испорача својот уништувачки супстрат. Тоа ви е исто како кога туѓото деструктивно тело со паразитски претензии се вгнездува во системот на жртвата и полека, но сигурно почнува да ја уништува нејзината витална енергија, воедно хранејќи се со неа самиот и размножувајќи ги своите уништувачки експоненти. И откако нападнатата страна почнува да колабира, тогаш специјалната војна ја довршува задачата, а на сцената стапуваат маркантните фактори на политиката и безусловно ја испорачуваат својата агенда.
Значи специјалната војна е еден вид подготовка на теренот за дефинитивното спроведување на политичката и економска волја на дизајнерот на таа иста тајна и суптилна војна. Такви дизајнери во мрежата на современата геополитика има многу, но сите тие, во зависност од својата големина и цели, се вртат околу незаобиколивата политичко-економска гравитација на големите сили. Тие, пак, што не можат да ги дефинираат своите идеолошки траектории и интерес, неминовно завршуваат во една мрачна и шизофренична ситуација на расцеп и на деструкција, кој почнува како поларизација на општествените сили, а потоа преминува во бунт, револуција или, пак, во граѓанска војна. Речиси по правило зад конфронтираните страни застанува некоја од заинтересираните големи сили, што на конфликтот му дава несогледливи димензии, па и потенцијал за регионална експанзија.
Тоа, на пример, е случај со „Арапската пролет“, која никако да заврши и, која во целата своја неартикулираност, почнува да создава регионална зона на војна со низок интензитет. Територијата на конфликтот што ја создаде „Арапската пролет“ сѐ повеќе се шири, пред сѐ ако ја земеме предвид војната во Сирија, каде што тајните служби на големите сили на западната алијанса го нападнаа режимот на Башар ал Асад, кој беше во голема мера ориентиран кон опонентните моќи на западот, а пред сѐ пријателски ориентиран кон Русија, Кина и кон Иран. Во оваа војна против сирискиот режим, западните сили повторно го вклучија во игра интернационалниот тероризам, чијашто задача беше да го повтори сценариото од Либија, кога од власт беше соборен Моамер ел Гадафи. Сепак во овој, за западот успешен потфат, беа вклучени воените капацитети на НАТО, што им овозможи на бунтовниците против либискиот режим полесно да напредуваат кон своите цели.
Сега, пак, во Сирија, поради нејзината геостратегиска позиционираност, што подразбира логистичка поврзаност со воените системи на Русија и на Иран, НАТО не се осмели да интервенира и, евентуално, да се соочи во директен конфликт со моќните милитарни системи на Русија, па и Кина и, во една несогледлива воена разрешница да доживее воен и геостратегиски пораз, што би било фатално за натамошниот опстанок на овој западен воен сојуз, чиишто земји-учеснички се задушуваат во финансиски долгови и во несогледлива економска криза.
Од друга страна, режимот на Асад се покажа како многу пожилав отколку што претпоставуваа дизајнерите на овој конфликт од нивните доброобезбедени кабинети, расеани по западните геополитички пунктови на моќ. Напротив, не само што режимот на Асад тргна во контраофанзива и во огромна мера ги порази на терен силите на бунтовниците, туку воената криза почна да излегува од локалната контрола и почна да навлегува во Турција, една од најзначајните членки на НАТО. Без Турција, НАТО би ја загубил најбитната геостратегиска зона во регионот и би претрпел страшен пораз на овој план губејќи го влијанието на Блискиот Исток и во Средна Азија. Со ваквиот развој на настаните во Турција, која, како што гледаме, станува уште една жртва на специјалната војна предизвикана од тајните служби на големите сили, овој дел од светот влегува во нови геополитички турбуленции, чијшто резултат станува неизвесен и несогледлив.
Специјалните војни се невидливи, како кога болеста е сѐ уште во фаза на инкубација. Кога ќе почнат симптомите веќе е доцна, војната веќе ја добила својата инерција, а болеста е во ескалирачка фаза. Затоа треба да се биде буден и мудар. Посебно тука во Македонија, каде што разните тајни служби водат специјална војна уште од нејзиното политичко осамостојување.
*(Колумните на Адрапо Спараи ќе бидат објавувани секој петок)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


