| четврток, 6 декември 2018 |

Охи средба, ЕУ малака

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Самарас не сака средби и сликање пред камери, не сака ниту решение на спорот за името. Уште помалку сака влез на Македонија во ЕУ и во НАТО. Единствено за што се грижи искрено е да си го зачува прилично нестабилното премиерско столче. А, во меѓувреме го живее сонот што го раскажа во 2009 година кога преку јавниот сервис, кој го укина четири години подоцна, порача дека Грција ќе чека Македонија да се распадне однатре. Неговото писмо со одговор до Груевски не остава дилема за претходно поставените тези.

 

Во истиот момент кога словенечкиот претседател во Скопје ни порачуваше дека треба да ѝ испорачаме на Грција предлог што не може да го одбие, во Атина секретарките на грчкиот премиер ја испраќале дипломатската пошта до Скопје. Да знаел Пахор дека Грција се оградува од македонските проблеми во евроинтеграцијата и целата вина ја префрла на Европската унија и, меѓу другите, на Словенија, сигурно немаше да ни дава патетични совети и да се резили како да не знае како се води дипломатија во овој дел од Европа. Особено кога си посилен и поголем. И особено кога си член на ЕУ и на НАТО, а соперникот е мал и надвор од Унијата.

Се разбира, последиците по Пахор и неговата Словенија од последниот развој на настаните се минимални, нервозата може да го држи до самитот на Блед, кој е закажан за една недела, кога ќе може својата лутина да ја искаже пред претседателот Папуљас. Поверојатно е дека брзо ќе заборави што рекол Самарас, но и самиот тој за време на посетата на Скопје.

goran-kol-12-samaras

Последиците од писмото на Самарас, секако, ќе ни останат нам, македонските граѓани, кои повеќе од две децении немаме среќа со грчките лидери. Тие се или недоволно силни да го спроведат тоа што навистина го мислат за Македонија или се воспитани во традиционален грчки дух според кој луѓето на север од Евзони и Идомени се дивјаци и нецивилизирани, кои се добри само кога ги трошат парите на грчкото крајбрежје. Има и такви што знаат дека Македонија и Македонците се христијански браќа кои и цивилизациски, и верски, и културно им се најблиски, но кои не сакаат да бидат прогласени за предавници само затоа што на нас и на целиот проблем гледаат на европски, а не на балкански начин.

И покрај тоа што грчката дипломатска машинерија веднаш по приемот на писмото од Груевски се растрча низ светот да го опипа пулсот на своите партнери, неизбежно е чувството дека Самарас овој пат направи грешка. Во ситуација кога сите релевантни фактори, почнувајќи од Филип Рикер, па сѐ до еврокомесарот Филе, го поздравија обидот на Груевски да се раздвижат односите меѓу двете земји во позитивен правец, грчкиот премиер ја прекина линијата на надеж која се појави за кратко.

Секако, треба да се биде наивен да се верува дека Самарас не го пресметал овој момент и дека не презел и дипломатски контрамерки за евентуалните критики со цел да ги ублажи негативните последици. Како што треба да се биде свесен дека сите негови партнери, пред сѐ во Берлин и во Париз, ќе го разберат што во моменти кога неговата влада треба да ги усвои новите мерки за штедење, тој одбива да отстапи од своите „црвени линии“, поставени уште пред две децении.

goran-kol-12-grujo-pahor

Веројатно и на Груевски му било јасно дека во ситуација кога Златна зора и СИРИЗА му дишат во врат на неговиот грчки колега, тој самиот нема да си го урива митот за непопустливост со прифаќање средба. Македонскиот премиер со барањето за состанок го постигна она што постојано недостасува во преговорите за името. Проактивност и носење на грчките лидери до ѕидот. Грција, поточно нејзиниот премиер, во секој случај е губитник од оваа мала, но потенцијално голема епизода во грчко-македонските односи.

Доколку Самарас прифатеше средба, ќе станеше предавник за политичките противници дома, а со одбивањето, тој дефинитивно и писмено станува негативецот поради кого и Македонија и целиот регион сѐ уште се соочуваат со нестабилност. Без разлика како тоа ќе биде објаснето во Атина, каде што во моментите кога македонските медиуми во средата објавуваа делови од него, никој не знаеше што има во него, сега на потег е Самарас.

Да се чека Грција да го направи следниот чекор е логично, но не и нужно и единствено можно сценарио. Затоа што Груевски во никој случај нема да направи грешка доколку навистина делумно го послуша Пахор и понуди нова форма на соработка со Атина. Можности има многу, од потпишување навидум незначајни договори што со години чекаат на парафирање, па сѐ до заедничка владина седница иако тоа некој би можел да го разбере како провокација.

Груевски покрај другите главни дипломатски поени во случајов доби уште една голема вредност. Никој во земјава, па дури ни опозицијата не ја протолкува неговата понуда до Атина како знак на слабост, туку напротив како ангажираност и проактивност. Тоа може да биде од корист не само за воспоставување на идните добри односи со Грција, туку и во односите со сите други соседи, особено со Бугарија.

Иако на овие простори сѐ уште не е поминато времето кога прагмата е поважна од идеалите и гордоста, ваквото однесување на јавноста покажува дека треба да се биде храбар и да се нудат проекти, идеи, средби и со најцрниот ѓавол ако тоа може да донесе напредок за земјата.

Отворање пред јавноста на договорот што, за некои безобразно, го нуди Софија можеби треба да биде следниот чекор. Заедничка средба со владата на Еди Рама во Тирана е уште еден чекор што треба да се понуди. Заедничка средба на Груевски, Тачи и Дачиќ на тромеѓето во липковско е уште подобар обид да се внесат европски манири во регионот, кој сѐ уште боледува од балканскиот бон-тон.

Што ќе кажат сега Нимиц, Филе, Рикер, Волерс и Орав?

Интересно е да се знае што по одбивањето на понудата на Груевски од Самарас ќе кажат американските и европските дипломати, кои топло го поздравија потегот на македонската страна. Ќе бараат ли нова позитивна енергија од Груевски или ќе се свртат кон Атина и со посилен притисок ќе бараат конструктивност и искреност во преговорите за името. Отворено е и прашањето што може во оваа ситуација да стори и посредникот Нимиц. Со одговорот од Атина процесот, којшто веќе предолго го води американскиот дипломат, индиректно доби на тежина затоа што Самарас се оградува од каква било улога во спорот оставајќи тој да тече според агендата на Нимиц. Можеби ова е добра причина во иднина Нимиц јавно да кажува кога грчкиот претставник одбива да се сретне со својот македонски колега Јолевски, како што, според изворите на „Република“, се случува повторно токму овие денови. Со тоа Нимиц, од една страна, ќе изврши притисок на грчката страна да се согласи да разговара, а, од друга страна, на сите релевантни во контекст на последното одбивање на Самарас ќе им стане јасно кој е за, а кој го сопира решението на спорот за името.

(објавено во 46. број на неделникот „Република“, 19.07.2013)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top