| четврток, 6 декември 2018 |

МКЦ се вклучи во иницијативата „Скопје се сеќава“ со изложба и кино на отворено

Оваа година, по повод одбележувањето на 50-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес, МКЦ активно се вклучи во иницијативата „СКОПЈЕ СЕ СЕЌАВА“, каде што во текот на целата 2013 година, сите културни активности на МКЦ ќе бидат обележани со овој предзнак за сеќавање.

Денеска и утре МКЦ организира дводневен бесплатен настан на платото пред зградата,  како и бесплатен 24-часовен филмски маратон во старото добро кино „Милениум“.

Во галеријата на МКЦ вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „SHOW YOUR HOPE“, која е патувачка изложба, со елементи на изведувачки театар која почнала како комуникациски проект фокусиран на глобалната свест со наслов: „80 Прашања од целиот свет“, како мала пародија на Верновата легендарна книга „Пат од 80 дена околу светот“. SHOW YOUR HOPE е изложба инспирирана од имагинацијата, истражувањата, фантазијата и свесноста за иднината.

Оваа изложба патува повеќе од 10 години низ целиот свет, со помош на впечатлив жолт камион, прикажувајќи повеќе од стотина мали уметнички дела изработени од уметници од целиот свет. Сите овие дела имаат една заедничка нишка – изразувањето НАДЕЖ.

SHOW YOUR HOPE прикажува вербални и визуелни дела, а Г. Мартин Ворбиј, раскажувач и иницијатор на изложбата, ја носи присутната публика вербално низ многуте димензии отсликани во делата. Во текот на цела 2013 година, како и идната година, SHOW YOUR HOPE ќе презентира 80 дела од македонски уметници од најразлични генерации со различен израз, каде на свој начин уметниците ќе ја прикажат својата визија за надеж.

Презентацијата во Галеријата на МКЦ ќе ја заокружи оваа селекција на дела на македонски уметници, која во иднина ќе биде искористена како вовед во меѓународната програма.

На платото пред МКЦ ќе има кино на отворено, каде што благодарение на Кинотека на Македонија бесплатно ќе може да се погледнат филмовите „Скопје ‘63“ во режија на Вељко Булајиќ и „Барајќи го Шугармен“ во режија на Малик Бендјелоул.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top