Сетете се на деновите пред 24 декември минатата година. Стравот којшто дејствуваше, главно, на потсвесно ниво беше главниот двигател на состојбата на светската берза, при што најголемиот дел од светската популација потпадна под влијанието на сугестијата дека Армагедон тукушто не се одиграл, та секој треба час поскоро да поита и да си пронајде некаков аранжман на интернет кој ветува бункерска заштита со малку посолиден конфор од оној што го уживаше С. Хусеин, барем судејќи според извештаите на светските новински агенции кои вршеа директен пренос од неговото апсење, т.е. извлекување од подземниот бункер направен специјално за избегнување на таа цел.
Еден од главните хитови тогаш беше осигурувањето на домашните миленици, и ова не е никаква метафора, туку заклучок од финансискиот извештај на американската компанија Eternal Earthbound Pets, која продавала осигурителни полиси за миленичиња, на сопствениците кои верувале дека наближува судниот ден и крајот на нивната дружба со омилените животни. По „откажаниот“ датум за апокалипсата, сопственикот на компанијата изјавил дека неговите клиенти се соочиле со две главни разочарувања: првото дека светот сè уште постои, а второто кога увиделе дека парите нема да им бидат вратени.
Идејата за производство на засолништа во склоп на глобалниот апокалиптичен туризам се покажа како доста профитабилна особено во региони како што е нашиот – крстосница помеѓу Исток и Запад, којашто не ретко низ историјата претставувала транзитна зона за ентитети кои ги разрешувале своите меѓуетнички, политички или какви и да е други судири, тегнејќи ги со себе своите габаритни и масивни воени опреми најчесто во девастирачки походи за алчно освојување на територии. Убаво уредените засолништа би требало во зависност од бројот на ѕвездичките да овозможат соодветна и сигурна заштита од „крајот на светот“; еден ваков хотел има на планината Ртањ во Србија, а од слични мотиви веќе на големо профитираат хотели во делови на Франција и на Турција.
Научниците сметаат дека колку што од една страна сеопштата компјутеризација на светот, напреднатите области на биофизиката и нанотехнологијата го подобрија квалитетот на човечкиот живот, толку, од друга страна, го доведоа во прашање самиот физички опстанок. Во таа смисла Стивен Хокинг предупредува дека човештвото нема да ги преживее следните илјада години и дека треба да најдеме нова планета за живеење иако со умерена доза оптимизам додава дека љубопитноста е таа што ќе нè спаси сите нас. „Ако разберете како функционира универзумот, тогаш на некој начин можете и да го контролирате…“, вели Стивен.
Така и нашава земја – за едни инвестициски рај, но за сиромашните – вистински пекол. Зошто Борхес вели дека „нема друг рај освен оној што сме го загубиле“? За кој рај зборуваат и тој, и Џон Милтон, којшто вака го детерминира еден од своите главни ликови: „подобро да управувам со пеколот, одошто да служам во рајот!“ Како поминуваат овие парадигми на уметноста, односно книжевноста во светот на парите? И која е впрочем нивната симболика?
Во својата енциклопедиска дефиниција, парите претставуваат општоприфатено средство кое служи за размена на производите, за чување на вредноста и за плаќање на долговите.
Парите ги изработува т.н. народна банка којашто секогаш е сместена во главниот град на една држава. Книжните пари се печатат во специјални печатници, на посебен вид хартија и со прилично комплицирани шари за да биде што потешко нивното фалсификување…
Дури и самите пари како платежно средство поминале долга и тивка еволуција на една постојана и шаренолика трансформација за да стигнат до денешниов облик – една од најпримитивните форми на пари кај номадските народи биле – кожите! Војниците во стариот Рим едно време биле плаќани со сол, од каде што води потекло „плата“ на англиски – salary. Полушка на руски е четврт копејка, истовремено е и половина кожа од зајак. Накит, говеда, овци, камења, па дури и човечки или животински черепи… Изразот „монета“ доаѓа од таму што ковачницата за пари (во Римското царство) се наоѓала покрај храмот на римската божица Јунона Монета! И ако го скокнеме сето изобилие од фантастични предмети наменети за таа улога, миц по миц доаѓаме до денешните т.н. – електронски пари. Овој футуристички осмислен монетарен систем сè повеќе и повеќе им ја усложнува работата на сите несудени робинхудовци кои растеле задоени со идеите за гнилежот на капиталистичките општества кои трупаат виртуелни и во најголем процент непотребни богатства на сметката на ропскиот менталитет на потчинетите класи – најчесто задоени со романтичарски идеи за копање подземни тунели и спектакуларни бегства со брзи превозни средства претоварени со преземени скапоцености.
Електронските пари се пари во вид на електронски сигнали кои се чуваат во меморијата на компјутерите во банките. Со нив се смалува потребата и ризикот на скапите трансфери (вагони, авиони, блиндирани возила). За унапредување на преносот на средствата по електронски пат банките создадоа Друштво за светски меѓубанкарски финансиски телекомуникации – SWIFT, во кое членуваат повеќе од 2000 банки низ светот.
Да се има или да се биде? И како во оваа дилема залутала таа хамлетовска носталгија? Демек имотот го попречува битието! Што да се прави со еден Макијавели кога вели: „Човек што сака секогаш и во сè да ја практикува добрината, неизбежно ќе се најде ожалостен меѓу толкавиот број на оние што не се добри. Според тоа, неопходно е да се научи како да не биде добар, и потоа тоа знаење да го применува или да не го применува во зависност од потребите на ситуацијата“.
Што сака да каже Наполеон Хил кога вели „Мисли и збогати се“? Овој интересен водич за луѓе кои сакаат не само да преживеат, туку и да си го повратат загубеното достоинство на „жители на рајот“, во ниеден миг не ги залажува своите читатели дека патот до „успехот“ е лесен и едноставен – напротив, тој е исто така компликуван и волшебно загадочен како и самиот живот, училиште за оние кои проблемите ги сфаќаат како предизвици коишто треба да се досетат како да ги надминат, а не потешкотии измислени специјално за да ги намамат во бездна,уништувајќи ги. Школо, дисциплина, љубов и Бог, внимателно и прецизно отстранување на секаков вид идолатрија и ете ја магичната замешателска формула која гарантира успех.
Наш е само оној што умрел, наше е само тоа што сме го загубиле…Наши се жените што нè оставиле, и ние веќе не им се покоруваме на тревогите и стравувањата на надежта, ниту на приквечерината што носи немир.
Нема друг рај освен оној што сме го загубиле…(Борхес)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.